
Каталонскиот гигант Барселона на најдобар можен начин ја стартуваше новата сезона во шпанската Ла Лига. Четата на Чави Хернандез во првите шест кола запиша пет победи и едно реми, а негативата зад лидерот на табелата, вечниот ривал Реал (М), изнесува само два бода. И покрај одличните резултати во домашниот шампионат, атмосферата во клупската соблекувална е далеку од идеална, пишува каталонскиот весник „Спорт“.
Централниот дефанзивец, Жерар Пике, е најголемиот виновник за големата главоболка која моментално ја има шефот на стручниот штаб. Заменик-капитенот постојано се жали дека има скромна минутажа во актуелната сезона, а тие зборови дојдоа и до шефот на стручниот штаб кој веднаш му одговорил: „Добро, сега ќе играш уште помалку“, пишува каталонски „Спорт“.
Интересно, но и пред почетокот на новата сезона, Чави и Пике биле во клинч поради минутажата.
Тренерот на Барса, кој никогаш не криел дека многу го почитува поранешниот тимски колега, смета дека е дојде моментот кога поранешниот репрезентативец на Шпанија ќе биде заменет од некој помлад фудбалер. Ако се суди според моменталната ситуација, тогаш Пике ќе и направи најголема услуга на Барселона доколку донесе одлука да стави крај на својата богата фудбалска карира и го ослободи клубот од својата голема плата. Долгогодишниот фудбалер на Барселона е еден од најплатените играчи на „Ноу Камп“.