Симоновски: На раце извлековме 16 луѓе од опожарена зграда во Кисела Вода!

1556

Во сеќавањето на поранешниот командант на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, Владимир Симоновски, останал врежан пожар во зграда во Кисела Вода, кога морале на раце да извлечат 16 луѓе. – Тоа беше во јуни 2019 година. Беше запален стан на петтиот кат. Имаше 16 луѓе, кои беа заглавени во своите станови и не можеа да излезат. Акцијата за нивно спасување и истовремено за гаснење на пожарот траеше околу пет и пол часа. Во таа акција, тројца пожарникари имаа задушување од чадот, а еден имаше изгореници на раката – раскажува Симоновски. Во август 2019 година, за успешно спроведената акција, пожарникарите учесници во неа добиле ордени од тогашниот претседател Стево Пендаровски.

На денешниот Ден на пожарникарите, скопската градоначалничка, Данела Арсовска, им додели признанија на пожарникарите што се издвоиле со своето работење во текот на изминатата година, а беа изведени и две тактичко-показни вежби

Животот на пожарникарите не е ни малку лесен. Се изложуваат на опасност во борбата со огнената стихија, спасувајќи нечиј имот, дом, но и друг живот. Тоа треба постојано да се цени и да се вреднува.

Меѓу пожарникарите што беа во Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје e и некогашниот командант Владимир Симоновски, кој сега привремено е национален координатор за кризи во Владата, но за брзо време, вели тој, повторно ќе се врати во Бригадата. Вели дека е тешко да се навикне на административна работа човек што постојано бил во униформа. Во 2019 година, почнал да работи во Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, а претходно работел во Пожарната на скопскиот аеродром и со ништо не би ја менувал оваа професија.

Во своето работење во Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, тој се соочил со над 2.000 пожари, во чие гаснење учествувал. Во сеќавање му е врежан пожар во зграда во Кисела Вода, на улицата „Народни херои“, спроти салата „Расадник“, кога морале на раце да извлечат шеснаесет луѓе.

– Тоа беше во јуни 2019 година. Беше запален стан на петтиот кат. Имаше 16 луѓе, кои беа заглавени во своите станови и не можеа да излезат. Акцијата за нивно спасување и истовремено за гаснење на пожарот траеше околу пет и пол часа. Во таа акција, тројца пожарникари имаа задушување од чадот, а еден имаше изгореници на раката – раскажува Симоновски.

Од шеснаесетмина, четиринаесетмина успеале да симнат долу, пред зградата, додека двајца не можеле.

Не сакавме да ризикуваме, бидејќи беа болни од астма. Беа на терасите, ги извадивме за да не се задушат. Еден човек одеше со двајца пожарникари. Беа изнесувани на раце. Другите пожарникари учествуваа во гаснењето на пожарот. За среќа, немаше ниту еден повреден од луѓето – се сеќава Симоновски.

Во акцијата биле вклучени 26-27 пожарникари. Во знак на благодарност, жителите од оваа зграда поднеле писмена иницијатива до тогашниот претседател Стево Пендаровски да бидат одликувани пожарникарите со ордени, кои ги добиле во август 2019 година.

Ова е само еден од примерите за пожртвуваноста на пожарникарите и за специфичноста на оваа професија, за која, пред сè, треба да си храбар за да ја работиш.

На денешниот Ден на пожарникарите, скопската градоначалничка, Данела Арсовска, им додели признанија на пожарникарите што се издвоиле со своето работење во текот на изминатата година, а беа изведени и две тактичко-показни вежби.

Таа истакна дека условите во кои работат Бригадата за противпожарната заштита на Град Скопје и нејзините пожарникари не се највисоко ниво. Апелираше до новата Влада да ги измени лимитирачките услови на бодувањето, поради што платите на пожарникарите се мали, но и забележа дека 15 години пожарникарите немаат нови униформи.

– Затоа е неопходно да се поништи правилникот што постои во овој момент. Треба да се земат предвид меѓународните стандарди што важат во однос на опремата – изјави Арсовска.

Според неа, најважно од сè е да се овозможи вработување на нови пожарникари, бидејќи во однос на бројот на жители во Град Скопје, тие се малобројни.

– Во Скопје има милион жители, па за да може да функционира Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, потребни се 450 пожарникари наспроти 180 со кои располага таа сега. Треба да се отстрани пречката, а тоа е одобрување дотации од буџетот – наведе Арсовска.    

Командантот на Бригадата за противпожарна заштита, Ѕвонко Томевски, рече дека во моментов бројат 180 пожарникари, иако се потребни околу 400, кои одговараат на потребите на граѓаните и покажуваат подготвеност за справување со огнените стихии. Тој истакна дека лани имале две илјади интервенции.

(А.П.)