ЦУК: Ќе настане поголема трагедија ако падне дел од улицата „Белградска“!

1114

Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, нагласи дека доколку ѕидот не се санира постои ризик целиот да се урне, да оштети автомобили кои се паркирани веднаш до него. – Од едната страна на ѕидот има паркинг, а од другата е улица „Белградска“, предупреди Ангелов и апелираше на итна координација помеѓу надлежните институции: Министерството за здравство, Градот Скопје и Општина Центар, како и МВР и итно надминување на оваа опасност

Денеска, ранонаутро се урна дел од потпорниот ѕид на улицата која минува над Клиниката за детски болести, во рамки на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Пријавата ја добиле во Центарот за управување со кризи (ЦУК), на единствениот  број 112.

Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, апелираше до сите надлежни институции: Министерството за здравство, Град Скопје и до Општина Центар итно да се зафатат со отстранување оваа опасност за граѓаните, бидејќи како што кажа може да дојде и до уривање на дел од улицата, по што можна е поголема трагедија.

– Проблемот е комплексен бидејќи под улицата „Белградска“, која го разграничува Клиничкиот центар со куќите кои се веднаш над него, има систем од шахти и подземни канали чија што сопственост не можеме да ја утврдиме, а кои што се во многу лоша состојба. Тие не ја собираат подземната вода која доаѓа од падините на Водно, поради што таа избива токму овде, во самиот ѕид  и дополнително ја нарушува неговата стабилност – појасни Ангелов.

Тој додаде дека доколку ѕидот не се санира постои ризик целиот да се урне, да оштети автомобили кои се паркирани веднаш до него.

– Од едната страна на ѕидот има паркинг, а од другата е улица „Белградска“ – предупреди Ангелов.

За тоа дека постои ризик да се урне овој ѕид, ЦУК алармирал уште пред една година и апелирал до институциите и до Министерството за здравство да го санираат.

– Од наша страна веднаш беа известени Министерството за здравство, Градот Скопје и Општина Центар, како и МВР за да преземат мерки за да се заштитат животот и здравјето на граѓаните. По 1,5 година не е преземено ништо, за сега да добиеме пријава дека дел од овој ѕид е урнат, а прашање е кога ќе се урне и останатиот дел од ѕидот – изјави вчера Ангелов и уште еднаш апелираше на итна координација помеѓу надлежните институции и надминување на оваа опасност.

Од Град Скопје велат дека улицата „Белградска“ е во надлежност и сопственост на општина Центар, за истата донесена е одлука на Совет за одржување од страна на Град Скопје, кое во ниту еден случај не значи изградба на улица ниту друг вид градежни активности врз нејзини делови.

– Потпорниот ѕид кој е изграден со функција ограда на Клиничкиот центар е надлежност на Министерството за здравство, односно негова изградба/реконструкција може согласно законските и подзаконски акти да прави единствено Министерството или негов орган овластен за истото – велат од Град Скопје.

 (А.П.)