„Програмата на Кинотеката за март, секако ја одбележуваат повеќе филмови и циклуси. Ќе се обидеме да се приближиме до пошироката публика со ‘Куќата Гучи’ затоа што режисерот Ридли Скот заслужува да биде на нашиот репертоар. Неговите филмови, иако имаат и комерцијален ефект, секако се филмови со високи уметнички дострели, а кон такви филмови сме претежно ориентирани“, вели за весникот ВЕЧЕР, Владимир Ангелов, директор на Кинотеката

Со филмот „Куќата Гучи“ (House of Gucci) на Ридли Скот, инспириран од вистинската приказна за семејното царство на италијанската модна куќа и со  ѕвездената екипа сочинета од Лејди Гага, Адам Драјвер, Џереми Ајронс, Џаред Лето, Ал Пачино и Селма Хајек Кинотеката, ја започнува мартовската програма. Холивудскиот хит ќе се прикаже на 1 и 2 март, од 20 часот, како и уште во неколку термини месецов (на 5, 7, 11, 19, 28 и 31). Сместен во три декади исполнети со љубов, предавство, елеганција, одмазда и конечно убиство, во овој филм, снимен според книгата на Сара Геј Форден, гледаме колку вреди името Гучи и колку далеку ќе оди едно семејство за да го контролира тој бренд.

„Програмата на Кинотеката, за март, секако ја одбележуваат повеќе филмови и циклуси. Ќе се обидеме да се приближиме до пошироката публика со ‘Куќата Гучи’ затоа што режисерот Ридли Скот заслужува да биде на нашиот репертоар. Неговите филмови иако имаат и комерцијален ефект, секако се филмови со високи уметнички дострели, а кон такви филмови сме претежно ориентирани“, вели за весникот ВЕЧЕР, Владимир Ангелов, директор на Кинотеката.

Во март, Кинотеката ќе му оддаде почит на неодамна починатиот маестро Александар Џамбазов, со македонскиот игран филм „Мементо“, од 1967 година, во режија на Димитрие Османли. Овој наш познат и значаен диригент и композитор е автор на „Рапсодија за Скопје“ – композиција за пијано и оркестар (1966), која е главна музичка тема во филмот. Остварувањето кое се прикажува во сеќавање на маестро Џамбазов, на 4 март, од 20 часот, ја раскажува приказната за Вили Милер, германски диригент на пропатување низ Македонија, и Јана, млада девојка студентка, кои се запознаваат еден ден пред земјотресот во Скопје во 1963 година. Нивната повторна средба е по неколку години, кога Милер диригира еден концерт на „Средбата на солидарноста“ во Скопје и тие поминуваат неколку денови заедно, исполнети со реминисценцијата на Јана за доживеаната семејна трагедија и за нејзините барања начин за повторно да започне животот, кој бил запрен на денот на земјотресот…

„На програмата овој месец е и новиот филм на Пол Ферхуфен (Paul Verhoeven), некогашниот култен автор на акционите научнофантастични филмови ‘Робокап’ (RoboCop) од 1987 и ‘Тотално отповикување’ (Total Recall) од 1990, како и еротските трилери ‘Основен инстинкт’ (Basic Instinct) од 1992 и ‘Шоу девојки’ (Showgirls) од 1995. По враќањето во Европа, Ферхуфен (порано го пишувавме и Верховен) направи неколку авторски поинакви филмови, а ‘Бенедета’ (Benedeta) од 2021 е најновиот во неговата филмографија, во кој провоцира со неговото видување на геј-сексуалноста и митологијата“, истакнуваат од Кинотека. Необичната приказна на „Бенедета“ е сместена во 17 век, а главната хероина е калуѓерка во манастир во Тоскана, Италија, каде што започнува љубовна романса со друга калуѓерка. Филмот во Кинотека ќе се прикаже во повеќе термини (на 7, 14, 15, 21 и 22 март).

Од 9 до 10 март, Кинотеката веќе традиционално е домаќин на „Вечерите на женски права“, а на 13 март ќе биде одбележана 79-годишнината од злокобната депортација на македонските Евреи во логорот „Треблинка“ со проекција на италијанскиот филм „Ѕвездено небо над римското гето“ на Џулио Базе. Кон средината на март на кинотечната програма се враќа и рубриката Уредник со причина“, во која овој пат филмови избира академската сликарка и алпинистка Илина Арсова.

Како што потврдува Владимир Ангелов, март е и месец на франкофонија и на филмови посветени на женски права. „Би ги издвоил провокативниот ‘Бенедета’ на (стариот мајстор) Верховен, за помладите тука е ‘Волкот и лавот’, да не го заборавам францускиот ‘Триумф’, кој има одлично сиже. Уредник со причина ни е Илина Арсова и има одличен избор на филмови – ‘Делфина’, ‘Плажа’ и ‘Мои песни, мои соништа’  – и заедно со ‘Молња над водата’ на Вим Вендерс нè враќа малку на старите добри и издржани вредности. Јас на пример, во март не би излегол од кинотечното кино“, вели директорот на Кинотеката.

Како што посочува тој, истото следи и за април кога планираат повеќе победници на „Берлин“ („Баксузен секс“ на Раду Јуде) и „Кан“ („Сквер“ на Рубен Остлунд, „Меморија“ на Апичатпонг Верасетакул, „Синот на Саул“ на Ласло Немес), новиот филм на Душан Ковачевиќ, филмот „Бесконечна поезија“ на Јодоровски, „За бесконечноста“ на култниот Рој Андерсон…

„За подоцна планираме циклус шпански филмови, циклуси на филмови од Латвија и Естонија, па дури и од Индонезија. Традиционалните филмски вечери со француски и германски филм ќе си останат. Ги планираме традиционалните соработки со филмските фестивали, особено ме радува и ја чекам соработката со Фестивалот за нем и класичен филм. Секако, повторно ќе прикажуваме филмови на отворено во нашето летно кино ‘Мирно лето’. Веќе две години, на двапати, поради пандемијата ја одложуваме ‘Ретроспективата на српскиот филм’ и се надевам дека годинава ќе ја одржиме. Новитет е што за во лето планираме проекции и во затворен (климатизиран) простор, но и на отворен простор…“, додава Ангелов. (Н.И.Т.)