Трансформацијата на работниот однос на вработените во образовни институции во Охрид пред комисија

101

Посебно формирана комисија ќе ги утврдува условите за трансформација на работниот однос од определено во неопределено работно време на вработените во образовните институции на подрачјето на Општина Охрид.

Решението за формирање на општинската комисија го донесе градоначалникот Кирил Пецаков, по номинациите добиени од Министерството за образование и наука и од СОНК.

Од Општина Охрид појаснуваат дека на тој начин ќе се надмине застојот во работата на досегашната комисија на која и беше истечен мандатот.

-Сега на овој процес ќе му се даде дополнителна динамика. Задоволен наставен кадар со решен работен статус е најдобра гаранција и дополнителен поттик за успешен образовен процес што претставува стартешка цел и определба на Општина Охрид, велат од Општина Охрид.

Во решението за формирање на Комисијата стои дека нејзина задача е да изврши стручни и административно технички работи со кои ќе се сумираат, проверуваат и технички ќе се обработуваат барањата за трансформација на работниот однос од определено на неопределено работно време на вработените во образовните институции на подрачјето на Општина Охрид и истите навремено ќе се доставуваат до Министерството за образование и наука.