Со вицеви,  хумор и сатира почна ловот на гласови за локалните избори

    61

    Со хумор и сатира почна изборната кампања за претстојните локални избори. И претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од Охрид, кажа виц на сметка на лидерот на владејачката СДСМ Зоран Заев, но и тој не остана должен. Од говорницата во Битола, од каде што ја почна кампањата, сатирично раскажа дека очекува пописот да докаже дали има двајца луѓе со исто име и презиме – Зоран Заев.  Мицкоски пред традиционалното преставувањето на кандидатите за градоначалници  во Охрид раскажа како Заев во некое населено место побарал од жителите да им реши два проблема. „Тие рекле, овој градоначалников не лажеше дека ќе направи водовод. Заев почнал да врти телефони и така половина час, тие го гледаат замислено, и после спушта слушалка и вели првиот проблем е решен. Кој е вториот проблем? Граѓаните велат вториот проблем е што нашава општина нема мрежа за мобилни телефони, па ако може тоа да го решите. Ете  така почитувани мои, ќе изгледаат овие избори. Овој пат, нема да може да излажат зашто сите знаат дека не може да им се верува“, раскажа Мицкоски на стартот на кампањата од охридскиот Антички театар, каде што партијата го претстави кандидатот за градоначалник за Охрид, Кирил Пецаков. Продолжувајќи со  шегите на сметка на Зоран Заев, Мицкоски изјави: -Тука во Охрид, со моето семејство и со моите пријатели, сме поминувале многу денови, дружби, и ме врзуваат доста спомени за овој град. Јас не можам да се пофалам дека мојата прва љубов била овде во Охрид, тоа сигурно мојот политички противник кога ќе дојде овдека ќе го каже.

    И лидерот на СДСМ, Зоран Заев, слично на својот политички ривал изборната кампања ја почна со хумор.

    -Се сомневам да не има двајца луѓе со исто име и презиме. Еден Зоран Заев кој е тука со граѓаните, кој донесе многу интернационални награди и еден друг Зоран Заев кој се соочува со фејк њуз организирани и финансирани од Будимпешта. Но, пописот ќе покаже дали постои еден или двајца Зорановци со презиме Заев. Ако покаже дека има двајца, бидете сигурни дека се скарани. Но, шегата на страна, ред е да ви кажам зошто сме дојдени. Дојдовме да ви го понудиме најдоброто за Битола. Најдоброто од Битола за Битола, а тоа е Христо Кондовски, рече Заев.

    Инаку, политичките партии, како што беше очекувано, кампањата за Локалните избори закажани за 17 октомври, официјално ја започнаа со ветувања и со пораки за одговорно и отчетно управување, создавање подобра иднина, единство без разлика на етничката припадност и поставувањето на интересите, потребите и барањата на граѓаните на прво место.

    Лидерот на СДСМ порача дека власта четири години поставува стандарди на одговорно и отчетно управување со државата, ја развива земјата на меѓународен, а општините на домашен план. А лидерот ВМРО-ДПМНЕ, дека „народот на претстојните избори достоинствено ќе ѝ покаже на власта дека нема да дозволи повторно да биде излажан“.

    Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, од собир во Гостивар порача дека неговата партија под мотото „Одбери живот, гласај зелено“ и овој пат има понуда која ќе им биде од корист на сите граѓани, без разлика на нивната етничка припадност.

    -Не само Албанци, туку и Македонци, Турци, Бошњаци, Срби треба да гласаат за агенда која е смела и го штити здравјето на сите. Ние ја имаме најдобрата понуда, подвлече Ахмети.

    На стартот на изборниот караван на движењето „Одлучно за промени“, водено од ДОМ и ЛДП, на собир во Скопје, лидерката на ДОМ, Маја Морачанин, порача дека е време е да престане бетонизирањето на секоја слободна површина во градовите, да се понуди чист воздух, да се поттикне органското производство на храна, да се вложува во развојот на еко-туризмот и дигитализацијата на општини, бидејќи и ние и поколенијата што доаѓаат по нас сакаат да живеат во модерни современи средини.

    Според најавите, коалицијата предводена од владејачката СДСМ денеска го продолжи изборниот караван „Најдоброто за мојата општина” со собир во Петровец. Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата, под слоганот „Создади нова иднина!“ ќе ја претстави својата изборна кампања во Вевчани, Дебарца, Струга и Ресен. ДУИ, својата програма за претстојните локални избори ќе ја презентира пред граѓаните во Тетово, а Движењето „Одлучно за промени“ на ДОМ и ЛДП во Виница и Берово. (Е.А.)