Во јавноста изминатите месеци се крена голема прашина околу егзистенцијалните проблеми со кои се соочува Атиџе Муратова, главната хероина на документарецот „Медена земја“, кој Македонија ја впиша во историјата на Оскарите со двојна номинација за престижната награда, а за што пишуваше и весникот ВЕЧЕР. По овој повод со свое образложение вчера во јавноста се огласи и екипата на филмот, која смета дека во медиумите “неоправдано се осквернавени документаристите, протагонистите, успехот на филмот и неговата голема хуманистичка идеја“.

„Би сакале да нагласиме дека Атиџе Муратова, за нејзиното учество во документарниот филм, има потпишано документ, со кој ни дава право да го користиме нејзиниот лик и дело во филм. Во документаристиката постои принцип да не им се плаќа хонорар на протагонистите, ниту да се интервенира во нивните животи. Но, ние, сочувствувајќи со нив, сепак одлучивме да им помогнеме“, велат од екипата на „Медена земја“. Тие посочуваат дека ангажирале тим од правни и социјални работници кои ги советуваа како да ја реализираат помошта за Атиџе Муратова и семејството Сем. „Основавме здружение на граѓани „Бекирлија“ преку коешто по нејзина желба, ѝ беше купена куќа, која дополнително беше комплетно опремена, а беа обезбедени и пакети со храна, лекови и приватни лекарски прегледи, како и дрва за огрев…“.

Од екипата велат дека му помогнале и на семејството Сем со подарено возило и компјутер за децата непречено да ја следат онлајн-наставата… Исто така посочуваат и дека на отворената сметка за протагонистите се собрани финансиски средства, меѓу кои и од Владата, за кои е одлучено да бидат целосно префрлени на протагонистите, а притоа да не биде загрозена  социјалната помош што ја добиваат. Истовремено додаваат дека здружението „Бекирлија“, како и страницата за донации ќе бидат затворени.

Во неодамнешното интервју за весникот ВЕЧЕР, Атиџе која не сакаше многу да зборува за своите проблеми, сепак посочи дека доби куќа, но дека таа е стара, изградена во 1967, не е доправена и треба многу пари за да се уреди, средства кои таа ги нема. „Очекувам и државата да ми возврати, да направи нешто за мене бидејќи, јас многу убави работи направив за неа. Ама, тоа треба некој да го цени, јас не можам со сила да земам“, изјави за весникот ВЕЧЕР Атиџе која истакна дека не губи надеж. (Д.Т.)