„Реалноста е дека поблиску сум до заминување отколку…“

130

Пеп Гвардиола стана првиот тренер со четири последователни шампионски титули во англиската Премиер лига. Тоа е 11. шампионски трофеј за Шпанецот, сметајќи ги и тие кои ги освои со Барселона и Баерн (М).

По освојувањето на титулата со Сити, Гвардиола беше многу емотивен. Причина за ова е заминувањето на Јирген Клоп од клупата на Ливерпул. Тие двајца создадоа вистинско ривалство во последните години.

На прес-конференцијата по триумфот над Вест Хем, гласот на шпанскиот тренер затрепери поради Клоп, а се навестуваше дека ќе пушти солза за својот голем ривал, но и за својот пријател.

“Многу ќе ми недостига. Клоп беше важен дел од мојот живот. Мислам дека неверојатно се почитуваме. Можам само да кажам благодарам за неговите зборови. Доволно сум скромен за да разберам дека немаше да успеам без мојот тим на луѓе“, изјави Шпанецот.

После тоа Гвардиола најави крај на бајката, т.е. напуштање на клупата на Манчестер Сити.

„Реалноста е дека поблиску сум до заминување отколку да останам. Веќе разговарав со луѓето во клубот. Ќе бидам тука уште една сезона, а потоа ќе разговараме. Но, тука сум осум или девет години, ќе видиме…“

Договорот на Гвардиола со Манчестер Сити истекува следната година, а „граѓаните“ се соочуваат со 115 пријави за прекршување на финансискиот фер-плеј и се соочуваат со строга казна.