Посетете го изворот и чешмата Калеш Мара

3562

Иако, секој слушнал за неа, малкумина се тие што доволно добро ја познаваат планината Скопска Црна Гора. Таа е средновисока планина, која се издига помеѓу Скопската котлина од југ, Кумановската котлина од исток, Гниланската од север (во Косово) и долината на реката Лепенец од запад. Планината се протега во насока југозапад – североисток, со највисок врв Рамно, со надморска височина од 1.651 метар, а останати повисоки врвови се Соколовец и Душановец.

Скопска Црна Гора е позната уште и како Света Гора поради присуството на цркви и манастири.

Покрај природните убавини, со кои располага и планинскиот масив, неизбежно е да се споменат туристичките места и локаци за рекреативен одмор, меѓу кои: излетничкото место Две Реки, во селото Бродец (Побожје), археолошкото наоѓалиште во селото Бразда, врвот Рамно.

Споре претседателот на здружението „Убавините на Скопска Црна Гора“, Дејан Вељанов, посебно внимание привлекува месноста Калеш Мара, која е над селото Раштак, каде што има извор и чешма со истото име. Водата од изворот се користи и за пиење и како поило на стадата овци кои ги спуштаат од Башинац.

За оваа месност, како што истакна Вељанов, постои интересна легенда.

-Бидејќи се наоѓа под Муратово џаде, според легендата каде што е врвот Мал Свински Камен, кој е на надморска височина од 1.578 метри, имало ан кој го држела некоја Мара. Но, при продорот на јаничарските војски кон Македонија и Косово Поле, каде што била и косовската битка се раскажува дека јаничари ја нападнале Мара која дала отпор, но сепак свирепо ја убиле и, погоре во месноста Пичковец, ја закопале. Таму се појавил изворот кој оди кон чешмата Калеш Мара – открива Вељанов.

Тој додава дека месноста Калеш Мара е на надморска височина од 1.425 метри и е под врвовите Мал Свински Камен, Голем Свински Камен со надморска височина од 1.628 метри и Бел камен, со надморска височина од 1.470 метри

Вељанов вели дека има три маркирани патеки од селото Раштак кон Калеш Мара, а до неа има пристап и од селото Љубанци преку врвот Здравец, кој се наоѓа на надморска височина од 150 метри и од селото Љуботен, преку врвот Бел Камен, кој се наоѓа на надморска височина од 1.470 метри. Овие пристапни патеки сè уште не се маркирани, но движењето е по широки патишта и по дрварски патеки.

-Трет пристап има од антената над селот Булачани, по патеката преку Богданова Чешма и Ќумче и оди кон Бела Вода и врвот Мал Свински Камен, а потоа кон Калеш Мара – истакна Вељанов.

(А.П.)