Поразителен извештај на ФБИ: Измамници „олесниле“ повозрасни Американци за 3,4 милијарди долари

54

Измамници минатата година украле 3,4 милијарди долари од повозрасни Американци, покажува извештајот на ФБИ. Извештајот покажува дека пораснал износот што оштетените го губат поради сè пософистицираните криминални тактики, развиени преку измама, да ја наведат оваа ранлива категорија граѓани да се откажат од животната заштеда. Загубите од измамите што ги пријавиле Американците постари од 60 години, минатата година се зголемиле за 11 отсто во однос на изминатата година, а истражителите предупредуваат на раст на шемите за празнење на банкарските сметки, меѓу кои се и испраќање курири да земат готовина или накит од жртвите на измамата, пренесува Гласот на Америка.

„Тоа може да има разорно влијание на повозрасните Американци кои немаат можност да заработат пари. Луѓето ги губат сите средства. Некои банкротираат“, изјави заменик-помошник директорот на Одделението на ФБИ за криминални истраги Џејмс Барнакл. ФБИ минатата година прими повеќе од 100.000 тужби од жртвите на измами постари од 60 години, при што речиси 6.000 луѓе изгубиле повеќе од 100.000 долари.

Интервенцијата на ФБИ следува по огромниот пораст на пријави од помодерни Американци на измамата во двете години по пандемијата, на вирусот корона, во 2020 година, кога луѓето беа дома и измамниците полесно можеа да дојдат до нив преку телефон.

Барнакл изјави дека истражителите гледаат организирани, транснационални криминални групи чија цел се постари Американци преку разни шеми, како љубовни измами и измами поврзанни со вложувања. Најчесто пријавени измами  меѓу постари лица минатата година биле измами поврзани со техничка поддршка, кога криминалците преку телефон се претставуваат како претставнички на кориснички служби.

Во една таква измама, за која надлежните велат дека е најпопуларна, криминалците лажно се преправаат дека се технолошки експерти, вработени во банки или државни установи да ги убедат жртвите дека странски хакери се инфилтрирале во нивните сметки и потоа да ги упатат како наводно да ги заштитат своите пари, така што ги префрлаат на нова сметка, која всушност е тајна сметка на измамниците.

Федералните истражители воочиле пораст на бројот на измами меѓу мај и декември во кои наводни курири земаат пари од жртвите кои веруваат дека нивните сметки се компромитирани, наведува ФБИ.

Во тие случаи, измамниците им кажуваат на жртвите дека нивните банкарски сметки се хакирани и дека мораат да ги претворат средствата во готовина или да купат злато или други благородни метали. Тогаш измамниците договараат курир тоа лично да го преземе.