Полицијата санкционирала над 160 прекршоци на мотоциклисти

72

Последната акциска контрола на сообраќајната полиција покажа дека голем процент на возачи на мотоцикли имаа ниска сообраќајна свест и забораваат дека нивното возило не претставува најбезбедно превозно средство во сообраќајот. Така, во контролата спроведена на 5 август од 17 до 23 часот биле санкционирани дури 160 прекршоци на мотоциклисти.

– Во текот на контролата се констатирани 160 прекршоци кај оваа категорија учесници во сообраќајот, односно 31 учесник управувале мотоцикл пред да се стекнат со право за управување (без возачка дозвола), седум учесници управувале со измината важност на регистрација на мотоциклот, пет учесници управувале со нерегистрирани мотоцикли, 94 учесници не користеле заштитен шлем (кацига), а констатирани се и 23 други прекршоци направени од страна на оваа категорија учесници во сообраќајот – информираат од МВР.

Она што може да се забележи е дека расте бројот на мотоцикли што учествуваат во сообраќајот, како на патиштата така и на градските улици, особено на скопските. Поради тоа, и контролите на полицијата зачестија, особено поради „дивите трки“ по скопските улици.

– Тоа резултира и со одземање на мотоцикли кои се упатуваат на вонреден технички преглед заради контрола на техничката исправност и фреквенција на бучавост – информираат од МВР.

Според податоците од архивите на Институтот за јавно здравје, на глобално ниво 49 проценти од сите смртни случаи во сообраќајот се мотоциклистите, покрај пешаците и велосипедистите.

Во Велика Британија производителот на мотори Сузуки води кампања во со која препорачува лондончани да одат на рабора на скутери и мотоцикли, со цел да се растовари користењето на автобускиот и железничкиот превоз, како и метрото.

Сузуки порачува дека користењето мотоцикл или скутер овозможува поголема заштита и одржување социјална дистанца, додека во исто време ги нуди и „традиционалнте“ предности. Последново се однесува на полесното избегнување застој и минувањето низ долгите колони што чекаат на крстосница. Секако, предност претставуваат и ниските трошоци за гориво, кои неретко се под цените за користење на јавниот превоз.

(С.Бл.)