Во вторник граѓански протест: Универзална треба да остане на исто место и да се реставрира

128

Универзална сала е симболот на Скопје, треба да остане на истото место и да се реставрира. Ова се барањата на скопјани, на јавни личности, музичари, артисти, организатори на настани итн кои утревечер ќе одржат протест на платото пред Универзална сала со цел градските власти да го служнат нивниот глас и да кажат НЕ за евентуалните планови овој култен објект да се урне и на негово место да се изгради парк со летна сцена

Универзална сала е симболот на Скопје, треба да остане на истото место и да се реставрира. Ова се барањата на скопјани, на јавни личности, музичари, артисти, организатори на настани итн кои утревечер ќе одржат протест на платото пред Универзална сала со цел градските власти да го служнат нивниот глас и да кажат НЕ за евентуалните планови овој култен објект да се урне и на негово место да се изгради парк со летна сцена.

Тим од архитекти од Демократи смета дека Универзалната сала треба да се реновира и редовно одржува затоа што е симбол на градот, затоа што ваквите објекти се дел од историјата на архитектурата која на Скопје му недостасува.

– Изградена е со помошта што на Скопје му ја упатија граѓаните, хуманитарните организации и владите на многу земји од Авганистан, Австралија и Аргентина до Уругвај, Цејлон и Чиле и странските туристи што на денот на катастрофата се најдоа во Скопје. Овој објект треба да остане како траен симбол на меѓународната човечка солидарност во обновата на Скопје по катастрофалниот земјотрес од 26. јули 1963 година. Потребата на луѓето да се идентификуваат со својот град и развиваат припадност е општа и човечка потреба, носталгијата и сентименталноста кон спомените се лични – велат од Демократи.

Повозрасните скопјани се потсетуваат дека во Универзална сала во минатото се одржуваа познати музички и културни манифестации како Златно славејче, претстави, Скопје Фест, собири, концерти, премиери, Златни бубамари. Велат дека таму се случувало нечие прво стапнување на сцена, како престижно место за настапување и начин да се стекне популарност. Речиси и да нема уметник, музичар кој не настапувал на оваа сцена, кој тука ги добил првите аплаузи, ги пуштил првите солзи, кој едноставно не уживал во овој простор.

– Универзална сала е емоција, спомени, детство, Дедо мраз, Златно Славејче, Џандар збира, Скопје Џез фестивал итн. Во неа сите уживавме без разлика на тесните седишта или лустерите кои што секогаш ги гледав и чекав случајно да не се откачат и да паднат. Со паметно реновирање може повторно да стане наша радост и место за културни настани. Не ги уништувајте и последните белези на Скопје и не газете по идентитетот. Концертни сали не се рушат,  посебно не оние во кои има толку музика, историја и спомени – вели Оливер Ѓориќ.

Илија Радевски посочува дека не смеат да се уриваат обележјата на Скопје.

– Ако Железничка е обележје на една трагедија, тогаш Универзална е обележје на солидарноста – вели Радевски.

Македонскиот музички работник, и директор на Скопскиот џез фестивал, Оливер Белопета постира фотографии од внатрешноста на Универзална од 2006 година за време на одржувањето на Скопскиот џез фестивал.

– Вообичаено џез фестивалот го посетуваа драги колеги од Европа и светот кои постојано говореа дека истите концерти во Скопје биле подобри отколку на нивните фестивали.Зошто? Најпрецизниот одговор постојано доаѓаше од самите музичари. Бевме посебно инспирирани од амбиентот, велеа, од акустиката на салата и блискиот контакт со публиката. Акустиката, со оние висечки “печурки“, мошне занимлива приказна од средината на седумдесетите години, е дело на австриски експерти. А “интимниот“ контакт помеѓу музичарите и публиката го обезбедува амфитеатралниот карактер на гледалиштето. Не случајно античките Грци граделе амфитеатри, подоцна ги правеле и Римјаните, но во целосна кружна форма и за друга намена – коментира Белопета.

Тој нагласува дека Скопје нема концертна сала, а Универзална предолго се распаѓаше.

– МОБ и Филхармонија тоа не се, Тие, иако служат за се и сешто, имаат прецизна функционална намена. Скопје нема ниту вистинска летна сцена. Да, најдобро би било да добиеме нова Универзална сала, која проектно ќе води сметка за стариот амфитеатрален облик (и одвнатре и однадвор), со приближно истиот капацитет и на истата локација. Само, многугодишното искуство со сега воскреснатиот “случај Универзална“ барем мене ми укажува дека тоа нема никогаш да се случи. Како и некаков фантазиран, далеку поскап “Мултимедијален центар“ – вели Белопета.

(С.Бл.)