ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Пат кон среќата

492

Една од главните цели на нашето постоење е да ја бараме и доживееме среќата. Сепак, многумина сакаат да ја доживеат среќата, но малкумина знаат како да ја побараат среќата. Пасивноста, несигурноста, ниското ниво на самопочит и стравот од непознатото, неретко придонесуваат среќата константно да нè заобиколува. Наместо да бидеме самокритични и подготвени да создадеме нови услови за дејствување, нам како да ни е полесно да ги обвиниме околностите и судбината за тоа што ни се случува во животот. Среќата бара одлучност, храброст и акција, а не страв, недоверба и пасивност.

        Среќата ги следи само оние умови кои ѝ одат во пресрет и кои се духовно подготвени да ја препознаат нејзината вистинска вредност. Тоа значи дека нашата среќа не се наоѓа надвор од нас, туку е во нас и во нашата волја и решителност да го придвижиме животот кон патеката на мирот и хармонијата. Затоа, наместо копнежливо да ја исчекуваме среќата и да бараме совршени предуслови за дејствување, многу подобро е ние да бидеме тие што ќе ги создадат условите и што ќе го отворат патот кон среќата и реализацијата.

Не треба да го чекаме совршениот миг, туку да го земеме мигот и сами да го направиме совршен.

Мегаломанските очекувања, невложувањето во себеси, желбата за брзи решенија и исчекувањето ненадејна добивка, многу лесно можат да ни предизвикаат незадоволства и разочарувања во животот. Треба да знаеме дека среќните околности не траат долго, зашто не зависат од нас и ретко се производ на личните настојувања и знаења. Од друга страна, среќата која самите ја создаваме, иницира благороден изблик на позитивна енергија и во нас буди потрајно чувство на задоволство и ведрина.

Среќата многу повеќе е производ на внатрешната состојба, отколку на надворешните настани. Таа може да се пронајде во насмевката, прегратката, креативното дело, хуманата активност, прошетката во природа, опуштеноста, сродноста во љубовта, напредокот во работата, исполнетоста во семејството итн.

Во суштината на животот е да оствариме внатрешен мир и чувство на духовна исполнетост. Да бидеме среќни, значи да бидеме во хармонија со себе, да ги препознаеме и практикуваме вистинските вредности и да создаваме со љубов, позитивна енергија и добрина. Најголемата мудрост се крие во сознанието дека љубовта и семејната хармонија се најмоќните изблици на среќа кои му даваат смисла на животот.

Во природата на човекот е помалку да го сака она што лесно може да го добие, но и повеќе да го цени она за кое мора многу повеќе да се потруди. Успехот постигнат со сопствен труд, создава многу поголема среќа и има потрајна вредност од незаслужените награди, придобивки и признанија. Впрочем, од дамнина е познато дека ако богатството е стекнато на нечесен начин, преку хазард или наследство, многу побрзо ќе биде поарчено отколку она што е заработено со голема мака и пот. Едноставно речено, ако нешто само ни падне во рака, без наш труд, склони сме помалку да го цениме и вреднуваме.

Парите, моќта и статусот се безначајни за поединецот, кој длабоко во себе се чувствува осамен, несреќен и неисполнет.

Корисно е да се имаат на ум зборовите на Далај Лама: „Вистинската среќа е поврзана повеќе со умот и срцето. Среќата што зависи главно од материјални добра и телесни уживања е нестабилна – еден ден е тука, а веќе следниот можеби нема да биде“. Дали се чувствуваме среќни или несреќни во кој било момент честопати е многу малку поврзано со надворешните околности, туку повеќе е функција на тоа каква перцепција имаме за она што ни се случува и колку сме задоволни со она што го имаме. Затоа се вели дека здравиот питач е многу посреќен од кралот кој е болен и на умирање. Среќата не може да се продаде, ниту да се купи од другите луѓе – таа секогаш е плод на сопствените активности и претставува рефлексија од сопственото доживување и практикување на вредностите.

Поучно е да се има на ум авганистанската поговорка: две нешта човекот мора да ги има во животот. Првото е среќата – тоа е кога ќе му се даде добра шанса, а второто е паметта – таа му овозможува на човекот да ја искористи шансата.

Позната е размислата дека поединецот кој мисли дека е среќен, тој и навистина е среќен. Од друга страна, ако премногу размислуваме и говориме за неубавите нешта и несреќите во животот, ние самите со своите мисли ги повикуваме и предизвикуваме. Така, наместо да станеме ковачи на сопствената среќа, ние несвесно придонесуваме за сопствената несреќа. Колку и да ни е тешко во животот и какви ѝ да се околностите во кои се наоѓаме, потребно е да веруваме, да се трудиме и да бидеме подготвени да создадеме нови услови за постигнување на среќата и реализацијата. Кога сме психофизички здрави и кога имаме избор помеѓу повеќе можности, треба себеси да се сметаме за среќни, зашто со работа, храброст и посветеност ќе создадеме услови за успех и реализација.

Кога знаеме што сакаме и кога веруваме дека имаме сила и потенцијал да го оствариме тоа што го сакаме, тогаш широко ги отвораме портите за успехот и реализацијата.

Секој човек различно ја доживува среќата. За некои таа произлегува од љубовниот изблик на сродноста и посветеноста, за други избива од успехот и напредокот во кариерата, за трети од надминувањето на тешкотиите и болестите, но скоро кај сите се оплодува, откако умот и душата ќе се исполнат со радост, љубов, хармонија и убавина.

Во будизмот се смета дека поединецот може да ужива среќен и исполнет живот, само ако постапува според начелата на умот, духовноста и просветленоста. Колку е нивото на смиреност на нашиот ум, толку ќе биде поголема нашата способност да уживме во среќен и хармоничен живот, зашто наместо да копнееме по тоа што го немаме, ќе ја пронајдеме вредноста и ќе уживаме со тоа што го имаме.

Среќата е најмоќниот еликсир на животот. Нејзината благопријатна енергија ќе нè направи потолерантни, поздрави и покреативни, така што ќе мислиме подобро и ќе работиме поуспешно. Познато е дека иницијативноста, продуктивноста и виталноста се на многу повисоко ниво присутни кај среќните поединци, отколку кај несреќните, кои разјадени од песимизмот и очајот, стануваат грабливци на туѓата енергија, тешко проштеваат и манифестираат суетност, ароганција и тврдоглавост во комуникацијата.

Најголемиот проблем за несреќните личности е што тие својата среќа не ја мерат според себе и своите потреби, туку според другите, и тоа неретко според оние кои тие ги перципираат како најсреќни, поради што уште повеќе страдаат и се разјадуваат со завидливост и љубомора. За разлика од среќните поединци, кои зрачат со љубов и хармонија, лицата кои се чувствуваат неисполнето и несреќно, на емоционален план се многу позатворени, постојано критикуваат и ги обвинуваат другите за околностите во кои се наоѓаат. Тие се фокусираат само на најлошото и негативно гледаат на сé што ги опкружува. Среќните луѓе, пак, манифестираат ведар и позитивен дух, пројавуваат ментална отвореност, емпатичност и желба да им помогнат на другите.

Треба да знаеме дека среќата е заразна, таа брзо се пренесува и позитивно влијае врз лицата кои имаат отворен дух и ведар ментален став. Затоа многу повеќе сакаме да бидеме во друштво со лица кои се полни со животен полет, весели и среќни поради своето постоење и благодарни поради тоа што се живи.

(Извадок од книгата на д-р Зоран Крстевски „Заштита од злото и негативните вибрации“)