ЕДЕН МЕСЕЦ АГОНИЈА: Осомничените за убиство во притвор, телото на малата Данка се уште не е пронајдено

729

Пред точно еден месец, на 26 март, во Бањско поле исчезна двегодишното девојче Данка Илиќ, кое се испостави дека е убиено истиот ден.

Имено, осомничени за нејзиното убиство се Срѓан Јанковиќ (50) и Дејан Драгијевиќ (50), работници на Јавното претпријатие за комунални дејности „Водовод“ Бор, кои кобниот ден го удриле девојчето со автомобил недалеку од куќата во чиј двор била со нејзината мајка и брат, а потоа онесвестена ја ставиле во задниот дел од автомобилот со намера да го фрлат нејзиното тело на депонија, бидејќи веќе мислеле дека е мртва.

Но, Данка се разбудила и почнала да плаче, а Драгијевиќ, според сопственото признание, со едната рака ја давел, а со другата ја држел преку устата додека не престанала да дише. Телото го фрлиле на депонија и уредно се вратиле на работните обврски.

Со оглед на тоа што осомничените за убиството молчат, телото на девојчето го нема веќе еден месец, а бројните собрани докази може да бидат пресудни за пронаоѓањето на телото на Данка.

Еден од доказите е и капка крв пронајдена во автомобилот, која по ДНК анализата потврди дека е крвта на Данка Илиќ.

Исто така, клучен доказ е признанието на Дејан Драгијевиќ, кој на рочиштето во обвинителството призна дека ја задавил Данка и призна дека два дена подоцна, неговиот брат Далибор и таткото Драгослав му помогнале да го премести телото на друга локација, која сепак не ја открива.

За ова веднаш беа уапсени таткото и братот на Дејан. Таткото во обвинителството се бранел со молчење, додека братот почина неполни два дена по апсењето.

За расветлување на овој случај биле направени дури 15 полиграфски прегледи, а осомничените паднале на вештачење. Како што е наведено, едниот имал реакција, додека другиот имал задоцнета реакција, а експертот за полиграф објаснил дека тоа значи дека и двајцата „не успеале“, само на различни прашања.