Турската компанија „Шахтерм“ ќе влезе со инвестиција во скопската индустриска зона Скопје 2.

Договорот за реализација на инвестицијата, во Бурса, го потпишаа директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски, и генералниот менаџер на компанијата „Шахтерм“, Фарук Шахин, кој предвидува закуп на земјиште во ТИРЗ Скопје 2 со површина од над 20.000 квадратни метри и изградба на објект со површина од над 13.000 квадрати. Ова е првата од двете фази на реализација на инвестицијата.

Потпишувањето на договорот е во рамките на посетата на Турција на делегација на ТИРЗ, предводена од Деспотовски, во која е предвидена и презентација на инвестициските можности пред турските компании. Ова следува само по четири месеци по најавата за нова турска инвестиција во земјава. Турската компанија ја зголеми и првично планираната инвестиција од 70 милиони евра на 100 милиони евра. Според деловниот план, во наредните 10 години, компанијата предвидува отворање илјада нови работни места. Новата инвестиција ќе опфати и центар за истражување и развој, а ќе претставува прв производствен капацитет на „Шахтерм“ надвор од Република Турција.

Инаку, компанијата „Шахтерм“ има повеќе од 40 години искуство во дизајнот и производството на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинството. Во моментот, „Шахтерм“ е дел од водечките пет компании во оваа дејност на глобално ниво, со повеќе од половина од годишното производство наменето за пазарите надвор од Турција.

Листата на клиенти е составена од познати светски производители на бела техника и апарати за домаќинство како „Вирпул“, „Амика“, „Горење“, „Беко“ и „Кенди“.