Платата да се исплаќа до 5 -ти во месецот, бара Конфедерација на синдикални организации

180

Плати се уште нема. Платите доцнат во здравството, образованието, јавните претпријатија и други институции. Ние како Конфедерација на синдикални организации, имаме доставено барање, но еве и јавно кажуваме, во новиот Закон за работни односи ќе бараме платата да се исплаќа до петти во месецот, изјави на денешната прес-конференција претседателот на КСОМ, Марјан Ристески.

Тој додаде дека Синдикатот ќе бара средба со премиерот Димитар Ковачевски за да се решат проблемите со кои се соочуваат, а доколку не се случи тоа најави одржување протести.

Претседателот на Независниот синдикат во геријатрија, Лазо Костовски посочи дека од здравство секојдневно бегаат луѓе и оти се вработува несоодветен кадар што „не е за таму“.

– Самите функционери пред да стапат на функција, ветуваат се и сешто. Здравствените работници веќе се ставени на маргините, не знаат што да прават. Не само со платите, туку и со самото работно место што го имаат. Кога ќе видиме дека еден пратеник зема шеесет илјади денари месечно за патни трошоци, а една плата во здравство на доктор е шеесет илјади. Со кое право тогаш од нас, граѓаните, бараат да штедиме, додека другиве во Парламентот, во Влада, никој ништо не штеди? Со излегување на улици, со протести, да се остварат нашите права. Друг начин не гледам, додаде Костовски.