Во недела кога е неработен ден на најјако распален оџакот

169

Социјалните мрежи се вжештија од фотографии и видеа што ги споделуваат жителите на Кочани на кои се гледа како оџак на кочанска фабрика испушта густ чад.

– Во недела на најјако. Прекрасно време, а смрди на чад цел град. Или фабрика или ние. Од судот очекувам да не прогласат за виновни, за клевета на фирмата. Затоа сами треба да си ја завршевме работата, или да си одиме од тука – коментира Марина Јаневска-Спасова.

– Сакаме и ние да дишеме малку, барем во недела – вели Николче Спасов.

– Пратете ѝ едно видео на Грета Тунберг можеби ќе може нешто да направи или да ве упати што да направите – препорачува Виктор Мисев.

Кочанските еко-активисти уште пред еден месец алармираа дека фабриката за хартија повторно загадува и покрај новите филтри. Своите тврдења ги поткрепуваат со видеа што ги објавуваат на социјалните мрежи.

На 20 октомври државен инспектор за животна средина направи вонреден инспекциски надзор и констатираше дека фабриката користи сончогледови пелети за целиот технолошки процес.

– Според направените мерења од акредитирана лабораторија за животна средина СГС Бугарија ЕООД со број на Извештај Е702А од 9.09.2021 година кај параметарот ЦО – јаглероден моноксид има зголемена вредност 3.422 mg/Nm3 во  однос на условите пропишани во изменетата и одобрена  А – Интегрирана  Еколошка дозвола од 24. 3. 2021 година од страна на МЖСПП. Концентрацијата  на јаглероден моноксид од стационарниот емитер – оџак на котелот на пелети во  инсталацијата е дозволено 500 mg/m3, а надминување на ЦО е утврдено и во анализите  направени од акредитираната лабораторија  за животна средина Еуромак контрол од Скопје и изнесува 13.598,3  mg/m3 на 7.07.2021 година – информираа од ДИЖС.

Поради тоа, ДИЖС го задолжи „Пејпар мил“ да изврши мерење на параметрите на емисиите од стационарниот емитер – оџак во воздух, три месеци редоследно и притоа да се направат лабораториски анализи на составот на пелетот што се  користи како горивно средство во технолошкиот процес и истите анализи да се    доставуваат до Државниот инспектор за животна средина во Штип заради понатамошно водење на инспекциската постапка.

– Доколку во определениот рок не се постапи по решението, Државниот инспектор за животна средина ќе поднесе барање за поведување прекршочна постапка согласно член 200, став 4, од Законот за животната средина – истакнаа од ДИЖС.

Инаку, на почетокот на овој месец, Основното обвинителство во Кочани ја продолжи истрагата за последиците од загадувањето на „Пејпер мил“. Претходно ОО Кочани ја отфрли кривичната пријава на Здружението Грин ОРГ и зад која застанаа неколку стотина граѓани. Но, Вишото обвинителство во Штип, предметот го врати назад со пријавата да се утврди дали има одговорност за аерозагадувањето од оваа фабрика, според член 218 од КЗ.

Единствената фабрика за рециклирање на хартија во Македонија го прекина производствениот процес кон средината на јануари годинава, по решение добиено од Инспекторатот за животна средина. Во овој период вработените не одеа на работа, но добиваат 70 отсто од платата и редовно им се плаќаат придонесите.

Во март годинава „Пејпар мил“ ја комплетираше последната фаза од поставувањето на таканаречен вреќест филтер за прочистување на воздухот од фините честички прав, со што ДИЖС утврди дека се создадени услови фабриката за хартија да продолжи со работа.

Тогаш од фабриката уверуваа дека со поставувањето на филтерот значително ќе се намали емисијата на ПМ-честички, односно трипати под дозволеното ниво со А интегрираната дозвола, издадена од Министерството за животна средина и просторно планирање. Истовремено, ќе се испочитуваат и строгите европски стандарди за испуштање честички до 50 микрограми на кубен метар воздух.             (С.Бл.)