Демонстранти го блокираа сообраќајот на бугарско-турската граница

296

Демонстранти со плакати „Не за изборниот туризам“ изутрината го блокираа сообраќајот на граничниот премин „Капитан Андреево“ на бугарско-турската граница.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, 50 лица го запреа движењето на возилата кои влегуваат во Турција од Бугарија, на околу километар и половина од клучката. По 10:30 часот, сообраќајот на граничниот пункт е воспоставен.

По преговорите со полицијата, демонстрантите се повлекоа, но рекоа дека повторно ќе се обидат да го блокираат патот.

Привремениот премиер на Бугарија Стефан Јанев во врска со дипломатската нота од Турција поради доцнењето на возилата при контролите од бугарска страна рече дека таму веќе неколку дена се спроведува специјализирана операција и веројатно поради тоа многу луѓе чувствуваат непријатност. Тој смета дека тоа е направено намерно.

БНР соопшти дека организатор на настанот е Веселин Илчев, дека тие не се поврзани со ниту една политичка партија и ја претставуваат бугарската држава. Според него, немало начин како од Турција да се избира во Бугарија, поради што ја блокирале бугарско-турската граница и никој нема да може да ја премине. Тој вели дека Турција не може да го именува претседателот на Бугарија.