Градските фонтани и чешми за пиење вода се подготвуваат за зимски сон  

109

Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ ги подготвува фонтаните низ градот за зимскиот период. Повикувајќи се на Планот за работа, а во согласност со временските услови во периодот што претстои, се пристапува кон планско затворање на фонтаните што се во надлежност на претпријатието.

– Сите чешми за пиење на вода веќе се затворени. Периодот во кој тие треба да се затворени е од 1 до 15 ноември. Инаку, големата фонтана што се наоѓа на плоштадот „Македонија“ сè уште не е целосно затворена. Се очекува следната недела да биде целосно конзервирана за да се заштити – потенцираат од ЈП „Водовод и канализација“.

Инаку во своја надлежност ЈП „Водовод и канализација“ има околу 200 чешми за пиење, како и украсните фонтани на плоштадот „Македонија“, потоа фонтаната „Филип Втори“ и „Олимпија“, како и фонтаната „Лотус“ кај Градскиот парк.

И додека фонтаните се подготвуваат и конзервираат за зимскиот период, јавното претпријатие „Водовод и канализација“ во координација со Град Скопје сè уште не најдоа за потребно да ја поправат подната фонтана која исто така се наоѓа на Градскиот плоштад.

Како што одговорија од претпријатието, имало оправдани причини зошто до сега не презеле мерки оваа фонтана да биде ставена во функција.

– Летото не беше погоден момент да се поправи фонтаната. Доаѓаа туристи и глетката не би била убава. Воедно, се чека да се набави дел за неа, а тоа се оддолжи поради пандемијата со Ковид-19. Ќе се направат напори таа да биде комплетно во функција следната сезона – образложија од „Водовод и канализација“.

Инаку, на 29 март годинава, оваа фонтана беше оштетена откако пропадна возило на јавното претпријатие „Комунална хигиена“ додека го метеше Градскиот плоштад, а претходното градско раководство не најде начин да ја поправи, иако беше ветено.

Ова не беше прво оштетување на оваа фонтана. Таа беше оштетена и во 2017 година кога камион пропадна додека се подготвуваше бината за пречек на ракометарите на Вардар по освоената титула европски прваци.

(А.П.)