Со серија восхитувачки интерпретации на дела од Вивалди, Респиги, Чајковски, Холст, Дворжак, Брамс… под сводовите на „Света Софија“ во Охрид, Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија „Саша Николовски-Ѓумар“ завчеравечер одбележа 35 години од своето постоење. Импресивното музицирање под диригентската палка на маестро Борјан Цанев, во кое уживаа присутните, се резултат на силниот инспиративен жар, младоста, креативноста, и пред сè, на професионалноста на младите високообразувани уметници. Солист на вечерта беше младата флејтистка Богдана Бушевска, која ја изведе композицијата „Цигански напеви“ од Пабло де Сарасате.

„Триесет и пет години, тоа е како да градите куќа и сметате дека се доволни еден или два ката, но со помош на големите млади мајстори, еве стигнавме и до 35. кат. Камерниот оркестар сега веќе е респектабилен солитер познат во светски рамки, и мислам дека тоа повеќе им значи на тие што досега биле дел од него, а тоа се над 350 музичари. Многу значајни и големи спомени, многу дружења, социјализирање, учење еден од друг, градење кариера… истакна, меѓу другото претседателот на Музичката младина на Македонија“, Александар Герасимовски.

Завчеравечер извонреден концерт во рамките на офф-програмата на фестивалот „Охридско лето“ имаа и ансамблите на народни игри и песни „Танец“ од Македонија и „Ладо“ од Хрватска кои настапија во Античкиот театар. Ноќта насловена како „Танец и Ладо под ѕвездите“ донесе дел од богатата ризница на двете земји преку вокално-инструменталната музика и народните танци што како подвижни музеи ги изведуваа двата професионални ансамбли.

Музичката програма на „Охридско лето“ продолжува вечер (30 јули) со концертот на барокниот оркестар „Teatro alla moda” од Холандија. Земајќи го името од дискурсот на Бенедето Марчело (напишан во 1720), „Teatro alla moda” е ансамбл што ја негува историски автентичната интерпретација на барокната музика. Членовите на ансамблот доаѓаат од различни културни средини, но заедничкиот јазик го наоѓаат во Холандија за време на нивните студии на Кралскиот конзерваториум во Хаг.