Фестивалот на краток филм “Drim Short“ од 29 јули до 1 август ќе го има своето петто издание кое годинава ќе се одржува на летната сцена во Домот на поезија во Струга, под мотото „Сонувајте кратко“. Официјалното отворање е во 18:30 часот со промоција на книгата „Филмски великани“ од Сунчица Уневска и изложба на Милко Нестороски и Лида Шерафатман – „The dreams of nature, souvenirs of reality’. Пред публиката во рамките на фестивалот ќе бидат прикажани педесетина кратки филмски остварувања од филмски автори низ светот, поделени во четири категории (интернационална, регионална, студентска и „Dealing with the past“.

„Дојдовме до мал, но значаен јубилеј, остварен пред сè со љубов и посветеност, Струга да има филмски фестивал, кој ќе стане уште еден убав и препознатлив белег на градот. Филмот никогаш не бил близок до Струга како денес и наша намера е тоа да стане традиција долга како поетската. И ниедна традиција денес не би била важна, ако некој, некогаш, не го направел првиот чекор. А ние стасавме до јубилејниот, петти чекор, важен, голем и обоен во живоста на брановата должина од спектарот помеѓу сината и зелената боја. Цијанот, кој резонира со струшкиот пејзаж, езеро, река, дрвја, небо и немир“, велат од фестивалот.

Селекцијата е направена од Иван Бакрач, а категоријата „Dealing with the past” е во соработка со ZFD Форум Македонија. Филмската програма вклучува и две гостински програми од два реномирани фестивали на кратки филмови “Dokufest“ од Косово и “Go Short“ од Холандија.

Едукативната програма, пак, вклучува два онлајн мастер класови на реномирани имиња од европската филмска индустрија: (1) ‘Short docs: Why so popular and how to see them!’ со Ветон Нуроколари  и (2) ‘How to structure your festival” со Матју Јансен. Ќе има и музичка ОФФ-програма со настап на БРАН – Herzel & Flute Power, која ќе се одржи во камп Камп-Треска“ – Радожда.

Фестивалот ќе биде реализиран во соработка со ZFD Форум Македонија, Министерство за култура, НУ Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ – Струга, ЈП Комунално Струга, Филм Плус, Хотел „Београд“, Радио Плеј ФМ, Red Bull Македонија, а генерален покровител е Kennedy Tecnology.