Дона многу сака музика, па можам да кажам дека с’клетот е лесно решлив во нашето семејство — со песна и танц

Јана со ќеркичката Дона

Јана Бурческа нејзините почетни кариерски денови ги започна по учеството на „Македонски идол„. Потоа во 2017 година нè претставуваше на Евровизија во Киев со песната „Dance аlone”. За прв пат во историјата на настанот имаше и убава љубовна сцена. Таа беше запросена од тогашното момче Александар. Денес тие се во среќен брак и ја имаат ќеркичката Дона. Таа за ВЕЧЕР раскажа како се справува со немилосрдната состојба во која сме сите и како ги минува деновите дома.

 Нема место за страв, туку за внимателност

Јана стравот од коронавирусот го заменува со внимателност во однос на нејзиното и здравјето на најблиските бидејќи станува збор за сериозна ситуација.

– Ситуацијата е сериозна и како таква ми предизвикува загриженост. Истата ја канализирам во внимателност, наместо исплашеност, со цел да останам активна и продуктивна, како во однос на моето здравје и здравјето на моите најблиски, така и во однос на животот затоа што тој продолжува да тече и покрај новонастанатата и привремена состојба, раскажува пејачката.

Таа вели дека треба да бидеме одговорни во вистинско време за да не дојде до фатални последици.

– Сериозна е динамиката со која новиот коронавирус се распространува. Мораме да бидеме свесни дека последиците од нашето неодговорно однесување можат да наштетат на поранливи од нас. За жал, со оглед на природата на болеста ковид-19 за некого таа може да биде фатална. Одговорниот однос кон себе е одговорен однос кон сите, во случајов е единствено решение за борбата со вирусот. Во големата слика исто така постојат и низа социо-економски предизвици со кои би можеле да се соочиме, па затоа е клучно да бидеме одговорни во вистинското време, а тоа е токму сега, додава Јана.

 Учење низ игра

Како  сите ние така и Јана поголемиот дел од денот го поминува дома.  Но, времето убаво ѝ е исполнето затоа што  ја има ќеркичката Дона со која уживаат во различни домашни активности.

– Предизвик е да се изнајдат разнолични активности за мајка и двегодишно енергично девојче во ограничен простор, а неограничено време . Се трудам да ја анимирам максимално и да учиме низ игра. Ова понекогаш успева, понекогаш не. Дона многу сака музика, па можам да кажам дека с’клетот е лесно решлив во нашето семејство — со песна и танц.  Не е здодевно, но ограниченоста си го прави своето. Цртаме, читаме, гледаме цртани филмови и особено ми е мило што Дона уште сега почнува да се вљубува во мојот омилен херој од детството – Хари Потер. Ни недостасува природата, парковите и вртелешките, но периодов сме на мисија за подобро утре и правиме сè што можеме за побрзо да ја завршиме, раскажува пејачката.

Бурческа за крај вели дека постојат едноставни начини за да се заштитиме.

-Колку што последиците се сериозни од пандемијата, толку начините за да се заштитиме од истата се едноставни. Водете редовна и темелна хигиена, останете дома, а доколку имате неизбежна потреба да излезете тогаш одржувајте ја соодветната социјална дистанца. Не заборавајте да обрнете внимание и на своето ментално здравје и да имате разбирање за луѓето околу вас. Следете ги препораките на надлежните и бидете трпеливи. Ќе биде подобро наскоро, препорачува Јана. (Мaja Анчевска)