Конкурс за краток расказ на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија

50

Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија организира конкурс за краток расказ инспириран од стари фотографии, на тема „Раскажувам фотографија“. Во расказите треба да доминираат случувања од животот на Евреите во Македонија во минатото. Секој петок на ФБ-страницата на Фондот на холокаустот ќе бидат објавувани три тематски фотографии позврзани со животот на Евреите како лајтмотив за расказот.

Фондот соопшти дека прифатливи ќе бидат раскази кои би придонеле за подобро разбирање меѓу луѓето, намалување на омразата и предрасудите, раскази за соочување со минатото, холокаустот, емпатија, кои ги поместуваат границите и отвораат пат да градиме поизвесна, побезбедна и послободна иднина за сите. Расказите не треба да бидат досега објавувани, да не бидат подолги од 100 реда (три страници со новинарски проред или најмногу до 7000 карактери ) – авторите може да пишуваат на македонски, албански, турски, ромски, српски или англиски јазик.

Ракописите треба да се пратат на: info@holocaustfund.org.mk со назнака: За конкурсот „Раскажувам фотографија“. Право на учество имаат сите полнолетни лица, веќе афирмирани, но и оние кои досега немаат објавувано. Нема ограничување во однос на бројот на раскази што еден учесник може да ги прати на конкурсот.

Конкурсот ќе почне идниот петок, 16 октомври 2020, и ќе трае до 31 декември 2020 година. Резултатите ќе бидат објавени на 20 јануари 2021, а наградите на добитниците ќе им бидат врачени на 27 јануари 2021, на Меѓународнит ден на сеќавање на холокаустот.

Наградите се парични – првата е во износ од 30.000 денари, втората 20.000 денари и третата 10.000 денари. Најдобрите раскази според жирито ќе бидат објавени на фејсбук-страницата и веб-страницата на Фондот на холокаустот, а сите издржани раскази ќе бидат публикувани.

„Целта е да се поттикне продукцијата на краткиот расказ како форма што е многу популарна, современа и широко прифатена од читателската публика и која има длабоки корени во сефардската раскажувачка традиција“, наведува Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија.