Барса доживеа уште една катастрофа

196

Вицешампионот на Шпанија, тимот на Барселона, најверојатно е најголемиот губитник кога е во прашање летниот преоден рок. Каталонскиот гигант буквално до последниот момент се обидуваше да ги осигура услугите на најдобриот фудбалер во дресот на Олимпик од Лион, Мемфис Депај, но холандскиот интернационалец остана во Франција. Клупските челници имаа идеална ситуација можеа да го купат крилниот напаѓач за „смешна“ сума. Барса со недели се „ценкаше“ и успеа обештетувањето да го симне од 40 на 25 мил. евра, но Депај не се пресели на „Ноу Камп“.

Според шпанските медиуми, единствената причина поради која Депај не го облече дресот на Барса е францускиот интернационалец Осман Дембеле кој не ја промени клупската средина за време на летниот преоден рок. Парите кои беа планирани од продажбата на Дембеле требаа да бидат искористени за трансферот на Депај.

Барселона долго време работеше и на трансферот на младиот шпански интернационалец од редовите на Манчестер Сити, Ерик Гарсија. Централниот дефанзивец има договор со „граѓаните“ до крајот на актуелната сезона, но на понудените 17 мил. евра Сити одговори дека Гарсија вреди најмалку 20 мил. евра.

Од сите летни засилувања на Барса, најзвучно е тоа на босанскиот интернационалец Миралем Пјаниќ, кој беше дел од размената со бразилскиот интернационалец Артур Мело.