Конгресот на СДСМ ја потврди кандидатурата на Пендаровски за втор претседателски мандат

36
фото:П.Стојановски

 

 

Пендаровски оцени дека се лажни анкетите што ги прикажува ВМРО-ДПМНЕ  и оти вистинските покажуваат дека СДСМ и Пендаровски ќе ги добијат претстојните и парламентарни и претседателски избори.

– Реалните анкети што тие не ги даваат во јавноста се дека тие се паднати под 45 пратеника, а ние сме над 50. Не е воопшто случајно денешниот резултат на СДСМ во собирањето на потписите. Трендовите од пред извесно време  се променети, рече Пендаровски.

ВМРО-ДПМНЕ, оцени, нема став за стратешките прашања на државата.

-Кој е нивниот предлог за преговарачката рамка? Велат ќе ви кажеме кога ќе дојдеме на валст. Со таков пристап не можете и не смеете да бидете претседател на месна заедница. Тоа се луѓе кои не се извинија за најголемиот срам во историјата на Македонија – 27 април, рече Пендаровски.

Тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ ја направиле најголемата стратрешка грешка во историјата бидејќи за време на пописот активно работеа на бојкот, а резулататот, посочи, е што 130 00 етнички Македонци ги послушаа и не се попишаа.

-Немојте да имате никаков страв, тоа се луѓе кои немаат никави квалитети, имаат само една желба да дојдат на власт и да останат во фотелји. Тоа не смееме да го дозволовиме, порача Пендаровски.

Претседателот на СДСМ Ковачевски, барајќи ја поддршката за Пендаровски порача дека на граѓаните не им треба претседател кој ќе кочи туку претседател со јасна европска визија кој ќе турка напред по вистинскиот пат.

Според Ковачевски, Пендаровски има јасна визија за просперитет на државата и за нејзина интеграција во Европската унија.

-Во досегашниот мандат покажа што значи да се биде претседател за сите. Во неговиот мандат земјата стана членка на НАТО, сега во вториот мандат да стане членка на ЕУ, рече Ковачевски.

На претстојните претседателски и парламентарни избори, порача, имаме само една шанса да го избереме правецот на државата, дали ќе продолжиме напред кон ЕУ или ќе се вратиме назад во изолација.

-ДПМНЕ нуди само кризи, реваншизам и изолација, да бидеме заглавени нови изгубени години, статус-кво, без промени, без напредок, без иднина. СДСМ е единствената која нуди реална надеж за подобро утре, за сигурна европска иднина, посочи Ковачевски.

Откако завчера ја најави и официјално кандидатурата за претседател на државата, Пендаровски денеска ги обезбеди и потребните 10 000 потписи за граѓанската кандидатура, кои како што информираше неговиот Кабинет, се собрани  за неполни пет часа.

Пендаровски е на функцијата претседател на државата од 12. мај 2019 година. Првпат беше кандидат за претседател на државата во 2014 година, како кандидат на коалицијата предводена од СДСМ, но не успеа да го победи тогашниот претседател Ѓорге Иванов. Во 2019 година вторпат беше кандидат на претседателски избори, како консензуален кандидат на СДСМ, ДУИ и десетици други политички партии и го победи кандидатот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, универзитетската професорка Гордана Силјановска-Давкова.  И на овие избори Силјановска Давкова е негов противкандидат. И таа денеска обезбеди 10 000 потписи од граѓаните за кандидатурата, а ВМРО-ДПМНЕ и ја официјализираше поддршката вчера на конвенција.