Ремито на домашен терен против екипата на Валјадолид и неубедливата игра, беа доволна причина за да се вклучи алармот во таборот на шпанскиот гигант Реал (М).

Иако клупскиот претседател, Флорентино Перез, веќе вложи околу 300 мил. евра во реконструкцијата на првиот тим, „кралскиот клуб“ во подготвителниот период и на стартот од новата сезона во Примера дивизион, игра повеќе од очајно.

Шпанските медиуми веќе на големо информираат дека тренерската позиција на Зинедин Зидан е сериозно разнишана. Иако, на прв поглед се добива впечаток дека францускиот стручњак ја има потребната поддршка од Перез, медиумите информираат дека ситуацијата е сосема поинаква.

Наводно, првиот човек на Реал (М) испратил јасна порака до Зи-Зу дека ќе стане минато доколку во следното првенствено коло не ги разбуди своите играчи. Двата медиуми кои важат за екстремно блиски до Реал (М), „АС“ и „Диарио Спорт“, пишуваат дека Перез направил и чекор повеќе, односно дека веќе го контактирал контроверзниот португалски стручњак, Жозе Мурињо.

„Специјалниот“ веќе беше предводник на шпанскиот гигант, а во 2012 година ја освои и шампионската титула. Според пишувањата на медиумите, Мурињо ги одбил сите неморални понуди кои пристигнале од кинеската Супер лига затоа што ја чека вистинската понуда од Европа, можеби таа на Реал (М).