Земјоделците стравуваат нивите да не останат жедни, а културите исушени

Земјоделците стравуваат дека ако не се исчистат каналите и не се поправат дефектите на системите за наводнување ќе се повторат ланските проблеми кога многу региони во државата останаа без вода за наводнување. Земјоделските здруженија бараат сериозна стратегија за решавање на проблемите со наводнувањето, а од Министерството за земјоделство уверуваат дека годинава нема да има проблеми со наводнувањето бидејќи акумулациите се полни, а голем дел од каналите исчистени

66

Навремена подготовка на системите за водоснабдување за да не се повторат проблемите од минатата година кога земјоделците трпеа големи загуби поради недостиг на вода. Ако не се исчистат каналите и не се поправат дефектите на системите за наводнување, земјоделците сметаат дека проблемите ќе продолжат во текот на целата сезона за наводнување. Земјоделските здруженија бараат сериозна стратегија за решавање на проблемите со наводнувањето и донесување на нов закон за водостопанство, а од Министерството за земјоделство уверуваат дека годинава нема да се повторат ланските проблеми кога голем дел од нивите останаа без вода.

Националната федерација на фармери побараа од Министерството за земјоделство да реагира до ЈП за водостопанисување да започне со проверка и поправка на дефектите на системите за наводнување за да не настанат дополнителни проблеми поради кој производителите ќе трпат директни штети и ќе има загуби во производството. ОД НФФ сметаат дека треба прво да се реши проблемот со неисчистените и руинирани канали и водата до нивите да стигнува навреме.

Земјоделските здруженија бараат сериозна стратегија за решавање на проблемот со наводнувањето, односно носење на нов закон за водостопанство. Сметаат дека само на овој начин ќе се решат проблемите на терен како што се руинираните системи за наводнување, ненавременото санирање и пуштањето на водата низ каналите.

Од Асоцијација на земјоделци велат дека новиот закон треба да оди во насока на нова систематизација и реорганизација на водостопанските претпријатија. Оттаму додаваат дека поради стариот систем за наводнување на одредени делови во штипско и кочанско поле доцни сеидбата на оризот. За навреме да биде насеан оризот дел од производителите од овие региони сами се организираа за да ги исчистат каналите.

Освен во Кочанско, проблеми со системите за наводнување има и во Овче Поле, каде што земјоделците секоја година мака мачат да дојдат до вода и каде што сушата секоја година им уништува дел од производството. И во овој регион системите за наводнување сè уште не се поправени, а веќе треба да се наводнуваат луцерките, пченката, сончогледот, раноградинарските и индустриските култури.

Со истите проблеми се соочуваат и земјоделците од Тиквешијата и Пелагонија, каде што годинава има доволно вода во акумулациите, но таа треба да се донесе до нивите.

И од Министерството за земјоделство признаваат дека има проблеми со системите за наводнување, но според она што тие го имаат како информација од терен велат дека нема да се повтори ланската состојба. Голем дел од каналите се исчистени, а во акумулациите како резултат на врнежите од дожд и снег во изминатите два месеца има доволно вода за почнување на сезоната за наводнување.

(А.С.)

.