Како ќе се аплицира за третиот сет антикризни мерки ќе се знае за две-три недели

166

Каква ќе биде процедурата за аплицирање за мерките од новиот, трет пакет, кој опфаќа помош и за стопанството и за граѓаните, ќе се знае во следните две до три недели. Економскиот советник во Владата Фатмир Бетиќи најавува дека тоа ќе биде едноставно, без премногу административни процедури.

– Начинот на аплицирање ќе биде едноставен, но во овој период од две недели сите детали ќе бидат прецизирани, вели Битиќи.

Додава дека во тој период ќе бидат исконтактирани граѓаните кои ги исполнуваат критериумите за користење на платежни картички и ваучери.

– Ќе има двонасочна комуникација. Владата веќе презема иницијатива на филтрирање на списоците по критериумите што вчера беа кажани, но ќе има и процес на изјаснување на граѓаните дали ги прифаќаат евентуалните мерки. Во следниот период, не повеќе од две до три недели, ќе има повик до сите граѓани особено за првите два пакета од првиот столб за платежните картички и ваучерите, рече Битиќи.

За ваучерите за одмор од 6.000 денари и платежна картичка од 3.000 денари кои се дел од мерките од третиот сет, Битиќи појасни дека целта е да им се помогне и на граѓаните и на домашниот туризам.

– Вкупната вредност која секој поединец ја добива е 150 евра. Наместо еден поединец да даде 9.000 денари свои средства кои денес ги нема, а ги има 4.500, ние му викаме повелете уште 9.000 денари на вашите 4.500 и поминеме еден викенд во Берово или на другите туристички места. Знаеме дека најверојатно некој ќе каже тоа се малку пари, но сакаме да ја стимулираме потрошувачката, да биде насочена кон локалниот туризам, рече Битиќи.

За платежната картичка за купување на македонски услуги и производи, тој рече дека се согледуваат техничките решенија за тоа дали ќе може софтверски да се препознаваат овие производи и на посебен посттерминал да се плаќаат.

–  Во моментот кога граѓаните ќе ги добијат картичките, ќе бидат дополнително известени. Сакаме да овозможиме средствата кои ги даваме да ја поттикнат македонската економија која е најпогодена и еднаш засекогаш да се свртиме кон домашната економија, рече Битиќи.

Според него, не држат обвинувањата од опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека стопанството е оставено на цедило бидејќи веќе се имплементираат двата пакета со кои директно се помагаат компаниите и кои ќе продолжат и во следните месеци, а сега се додаваат и мерките од третиот пакет.

Ефектите од третиот пакет економски мерки, според Битиќи, се повеќе димензионални и резултатите ќе значат и системски решенија. Целта е да заживее домашната економија, да се трансформираат и модернизираат економските дејности за да се создадат услови за економски раст. Директна финансиска поддршка со зголемување на платите за 20 проценти за два месеца ќе добијат и здравствените работници од инфективните одделенија и центрите за јавно здравје кои беа најизложени во борбата против коронавирусот.