За експертите буџетот е инфлаторен, за креаторите – развоен

За експертите буџетот во овие услови е инфлаторен, додека неговите креатори му го даваат епитетот развоен. Поранешниот министер за финансии, а сегашен претседател на Советот на Град Скопје, Трајко Славески смета дека добиваме буџет кој и понатаму ќе ја подгрева инфлацијата, наспроти тврдењата на експерти на власта дека инфлацијата е увезена. Министерот за финансии, Фатмир Бесими, оценува дека инфлацијата ќе почне да се намалува следната година, но цените на енергентите и на храната на меѓународните пазари ќе останат повисоки, затоа стапката е проектирана на 7,1%, ќе се намали на 2,5% во 2024 година, додека среднорочно ќе се сведе на 2%

451

Државниот буџет за 2023 година, кој влегува во Собраниска процедура, е изненадувачки висок и на страната на приходите (282 милијарди денари) и на страната на расходите (324,8 милијарди денари) и е со буџетски дефицит од 42,8 милијарди денари.

За експертите буџетот во овие услови е инфлаторен, додека неговите креатори му го даваат епитетот развоен, затоа што се заснова на „златното правило“ во јавните финансии, а тоа значи капиталните расходи да бидат повисоки од буџетскиот дефицит, односно да се позајмува само за проекти кои ќе дадат додадена вредност во економијата, ќе го забрзаат растот и придонесат за подобрување на животот на граѓаните.

Поранешниот министер за финансии, а сегашен претседател на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, смета дека добиваме буџет кој и понатаму ќе ја подгрева инфлацијата, наспроти тврдењата на експерти на власта дека инфлацијата е увезена.

– Тоа не е точно. Јасно е дека како земја со највисока стапка на инфлација во регионот, а можеби и во Европа, инфлацијата е предизвикана во голем дел од домашни фактори, што субјективни, што објективни, како што се ефектите од помошта за време на ковид-кризата. Дел од таа помош, се разбира, беше од популистички  побуди за купување гласови, потоа притисокот за раст на платите во номинален износ што Владата го прикажуваше како голем успех во услови кога опаѓаше продуктивноста на трудот во македонската економија, секако има инфлаторен ефект. Зголемувањето на платите и кај минималната и кај просечната е целосно изедено од инфлацијата – смета Славески.

Тој појаснува дека буџетот е инфлаторен бидејќи не ѝ помага на Централната банка во борбата против инфлацијата.

– Инфлацијата е штетна бидејќи ги погаѓа во најголем дел најсиромашните. Инфлацијата во областа на храната и енергијата е највисока, надминува 30 до 50 проценти. А овие производи учествуваат во најголем дел во потрошувачката кошничка на домаќинствата што примаат минимална плата или се посиромашни – смета Славески.

Според него, загрижува фактот што за само две години од крајот на 2021 година  до сега се планира раст на приходи за милијарда евра, и на расходи за милијарда и сто евра.

– Од каде се тие пари, освен ако не од задолжување, било внатрешно, било надворешно, што секако го плаќаме сите. Не е случајно што проектираните средства за отплата на камати на долгот во 2023 година се на историски највисоко ниво. Како што говорат информациите од Министерството за финансии, тие се во износ од дури 230 милиони евра што е многу сериозна цифра – потенцира Славески.

ММФ во прогнозата за Македонија наведе дека инфлацијата на крајот на оваа година би била 10,6 %, а би се намалила на 4,5%  в година. Дефицитот на тековната сметка, според ММФ ќе биде 6,7% (2022 година), а наредната 2023 буџетскиот дефицит би се спуштил на 4,6%.

Против овие параметри Македонија се бори со нови кризни кредити кои според финансиските владини претставници ја заокружиле буџетската структура до крајот на годината. Донесени се нови мерки кои според граѓаните, стопанството и науката се недоволни особено за сиромашното и најзагрозено население и за малиот и микро бизнис. Токму на овие категории граѓани посебен осврт дава ММФ и препорачува сериозно внимание „да се посвети на најзагрозените групи во општеството, особено во светло на се позначајното зголемување на трошоците за живот“.

Излез од ваквата ситуација Славески гледа во поголема координација на мерките на фискалната политика, но и ненадуен буџет, туку буџет кој ќе се темели на реални проекции и реални претпоставки, но и кратење на сите непродуктивни расходи. Смета дека треба да се одржат расходите, односно капиталните инвестиции од 800.000 евра треба да се реализираат.

– Монетарната политика да преземе посериозни мерки во борбата против инфлацијата, затоа што тоа е нејзина цел – заклучи Славески.

Министерот за финансии, Фатмир Бесими вели дека за следната година приоритет е да се надминат предизвиците што ќе ги донесе самата година.

– Затоа издвоивме средства во износ од 250 милиони евра за поддршка за надминување на кризата. Но, исто така предвидовме и високо ниво на средства за капитални расходи, за да ја поддржиме економската активност и покрај глобалното забавување на економијата – смета тој.

Бесими очекува буџетската рамка да обезбеди навремен и соодветен фискален одговор на влошениот глобален макроекономски контекст и одржлива позиција на јавните финансии во услови на зголемена неизвесност.

– Буџетската поддршка за ублажување на ценовните шокови и субвенционирањето на електроенергетскиот систем се во насока на зачувување на животниот стандард на граѓаните и ликвидноста на фирмите. Реализацијата на капиталните расходи и инфраструктурните проекти во приоритетните области, во согласност со владините политики, ќе генерира позитивни мултипликативни ефекти врз економскиот раст на среден рок и ќе ја забрза реалната економска конвергенција кон европските економии – се очекувањата на Бесими.

Согласно основното макроекономско сценарио, економскиот раст во 2023 година е проектиран на 2,9%. Растот на економската активност и понатаму ќе биде придвижен од домашната побарувачка.

– Инфлацијата ќе почне да се намалува следната година, но цените на енергентите и на храната на меѓународните пазари ќе останат повисоки, затоа стапката е проектирана на 7,1%, ќе се намали на 2,5% во 2024 година, додека среднорочно ќе се сведе на 2% – вели министерот за финансии.

(С.Бл.)