Турците се најчести гости во Скопје, а Холанѓаните во Охрид. Ова го потврдува и статистиката, според која повеќе од 60 отсто од вкупниот број ноќевања и посети се во Скопје и во Охрид. Според туристичките експерти, главниот град е многу атрактивен и интересен за посета, пред сè, поради културно-историските споменици, традицијата и другите туристички атракции.

Се очекува уште поголем број странски туристи во наредните години, во главниот град, кој е прогласен за Европски град на културата за 2028 година. Освен Скопје, и Охрид е преполн со странски туристи, каде што, традиционално, најбројни се Холанѓаните.

Според Крсте Блажевски, претседател на Хотелската асоцијација на Македонија, холандските туристи се гости повратници, кои доаѓаат во Охрид по неколку пати.

– И оваа година, Холанѓаните се најбројни странски туристи во Охрид. Тие се гости повратници, кои доаѓаат по неколку пати. Според податоците, 20 отсто од нив се тука по четврти или по петти пат. Тие веќе го знаат градот, имаат свое катче за одмор и релаксација. Освен постојаните, често доаѓаат и нови туристи, бидејќи, за нив, цените се пристапни и го знаат градот, местата што ги посетуваат. Поради тоа, Охрид важи за една од подобрите туристички дестинации за Холанѓаните. Освен од Холандија, последниве години има доста гости и од Полска, бидејќи има директни чартер-летови. Околу 95 отсто од холандските туристи во Охрид доаѓаат со чартер-летови – изјави Блажевски за весникот ВЕЧЕР.

Има и турски туристи, кои се на кружни тури и тие не се задржуваат многу, само ден-два, вели Блажевски и додава дека хотелите во Охрид се веќе полни и очекуваат многу добра туристичка сезона.

Според Аркан Керим, претседател на Tуристичко-угостителската комора, Скопје е интересно за турските туристи поради богатата историја, спомениците, традицијата…

– Во градот има многу турски туристи, но, за разлика од минатите години, годинава нивниот број е намален, поради тоа што Грција не им дава визи за Македонија и за другите балкански земји, Србија, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, кои ги посетуваат на кружните тури. Освен туристи, во Скопје, во последниве години, има и многу турски студенти и градежни работници, кои живеат и работат тука – изјави за весникот ВЕЧЕР претседателот на Tуристичко-угостителската комора.

Според него, се очекува да се зголемува бројот на странски туристи во наредните години, а својот врв од над 2 милиона туристи да го достигне во 2028 година, кога ќе биде Европски град на културата.

И Љупчо Јаневски, туристички експерт и универзитетски професор, смета дека Скопје и Охрид се наши најголеми туристички центри, поради тоа што во нив има најголем број сместувачки капацитети, добра поврзаност со аеродромите и патните правци, културно и историско богатство, природа, национални паркови и голем број други туристички атракции.

– Турските туристи се кумулативни и се очекува нивниот број на кружни патувања во Македонија за 2024 година да биде нешто повеќе од 200 илјади, но просечниот престој на дестинацијата не е поголем од 1,7 дена. Околу 85 отсто од турските туристи се на кружни балкански патувања од февруари до ноември, а Македонија е дел од тие кружни тури. Холандските туристи се сконцентрирани на охридско-струшката ривиера во период од пет месеци, но со пакети од пет и седум дена на дестинацијата и остваруваат голем број ноќевања, што овозможува мултипликативен ефект и го зголемува девизниот прилив. Најголем дел од нив, односно 96 отсто, се сместени во хотелите – вели Јаневски.

Според последните статистички податоци, Македонија во април ја посетиле 62.978 странски туристи, од нив дури 25.324 од Турција.

(А.С.)