Заштитата на културното и природното наследство на Охридскиот регион мора да се подигне на повисоко ниво

128

Согласно обврските од последната одлука на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО (Фужу, Кина јули 2021) и договорените чекори и обврски од заедничката Декларација на Националните комисии за УНЕСКО на Северна Македонија и Албанија (јули 2021), денес во Поградец се одржа заеднички работен состанок на политичко ниво помеѓу двете држави на кој присуствуваа министерите за туризам и животна средина на Албанија Мирела Кумбаро Фурџи и министерот за животна средина и просторно планирање на Северна Македонија, Насер Нуредини, како и градоначалниците на четирите општини: Поградец, Корча, Охрид и Струга и експертите кои директно работат во процесот на заштита на Природното и културното наследство на Охридскиот регион-УНЕСКО Светско Наследство.

– Од состанокот очекуваме воспоставување на редовна работата на меѓу-државниот комитет за управување, согласно договорот од 2005 година, формирање на постојан секретаријат составен од релевантните експерти од двете страни, како и посветеност и спремност од двете држави за изработка на заеднички Стратегиски план за рехабилитација кој мора да се поднесе до Центарот за светско наследство најдоцна до 1 февруари 2023 г. Исто така, треба да се пристапи кон изработка на заеднички извештаи за напредок на двете држави, како и заедничко политичко/дипломатско делување при организациите на Обединети Нации и Европската Унија – истакна министерот Нуредини во воведното обраќање, додавајќи дека природата нема граници и од суштинско значење е воспоставување соработка на сите нивоа – централно, локално, експертско за надминување на предизвиците и изнаоѓање решенија за зачувување на статусот на Охридскиот регион како светско културно и природно наследство.

На средбата се потврди ставот дека Албанија и Северна Македонија, се целосно свесни за исклучителното наследство што го споделуваат двете држави меѓу себе, но и со светот, и решително се посветени да го направат единственото прекугранично наследство на Западен Балкан модел на добра практика и да покажат со конкретни акции како грижата за заедничкото природно и културно наследство може да придонесе за негување добрососедски односи, разбирање и блиска соработка во градењето на подобар регион, подобар свет за сите.