По неколку векови реликвијата се врати во Скопје: Иконата на светогорската Троеручица ќе чудотвори во храмот на Пресвета Богородица

2290
Пречекот и свечената литургија како и литијата ќе почне денеска во 17 часот, во предвечерието на големиот христијански празник Рождество на Пресвета Богородица, познат како Мала Богородица. Оние верници кои ќе немаат можност да се поклонат пред чудотворната светогорска икона, тоа ќе можат да го направат секој следен четврток во црквата Рождество на пресвета Богородица во Скопје, кога ќе се служи Акатистот на Пресвета Богородица.

 

Црквата Пресвета Богородица од денеска е закитена со скапоцена реликвија – чудотворна икона на Пресвета Богородица Троеручица која од светогорскиот манастир Хиландар пристигна во Скопје. Весникот ВЕЧЕР објави ексклузивни фотографии од церемонијата која со благослов на игуменот на хиландарскиот манастир, архимандрит Методиј, беше направена на Света Гора пред тргнување за Скопје.

Пречекот и свечената литургија како и литијата ќе почне денеска во 17 часот во предвечерјето на големиот христијански празник Рождество на Пресвета Богородица, познат меѓу народот како Мала Богородица. Верниците, пак, кои ќе немаат можност да се поклонат пред светогорската реликвија, тоа ќе можат да го направат секој следен четврток, во матичната црква Рождество на Пресвета Богородица во Скопје, кога ќе се служи Акатистот на Пресвета Богородица.

Исцелителните моќи на светата, чудотворна икона на Пресвета Богородица се многупати досега докажани и запишани како сведоштво. Според пишаните документи иконата најпрвин му припаѓала на свети Јован Дамаскин, кој живеел во VIII век по Христа, а подоцна, ѝ ја подарил на црквата „Света Богородица Троеручица“ во Скопје. Оттаму храмот и градот ја имале како заштитничка.

Каде точно се наоѓала таа црква, не е познато. Постојат повеќе теории. Едната е дека црквата била на самото Кале, втората – дека била помеѓу Калето и реката Серава, некаде во денешната Чаршија, третата – дека била токму на местото каде што се наоѓа денес храмот „Рождество Богородично“, а не е исклучено храмот да бил на сосема четврто место.

Во текот на отоманската инвазија, некои христијани, кои сакале да ја заштитат иконата, од Скопје на магаре ја однеле до Атос и магарето застанало токму пред манастирот Хиландар. На тој начин станала дел од богатството манастирската соборна црква.