Додик најави дека утре ќе ѝ предложи мирна разделба на Федерацијата Босна и Херцеговина

561

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик денеска изјави дека со одлуката за Резолуцијата за Сребреница во Генералното собрание на ОН „потпишан е крајот на Босна и Херцеговина“ и најави дека утре од состанокот на Владата на Српска во Сребреница на Федерацијата Босна и Херцеговина ќе биде предложена мирна разделба.

„Дали сето тоа ќе биде забрзано или во догледно време, тоа е прашање на процесот. Избираме мирна разделба и тоа ќе го предложиме утре на седница на Владата во Сребреница. Ќе и предложиме на федералната страна (ФБИХ)“ – изјави Додик за Радио-телевизија РС (РТРС).

Според него, Република Српска и Федерацијата Босна и Херцеговина се страни на Дејтонскиот договор, а со тоа и на Уставот на Босна и Херцеговина.

Додик оцени дека е во тек „обемна коруптивна интервенција на меѓународната заедница“ и дека „е направено инкогнито“ да се предложи Резолуцијата за Сребреница и да се обезбеди поддршка од Германија за неа.

„Властите на Босна и Херцеговина, кои ги принудуваат да функционираат, не донесоа никаква одлука за ова“, рече тој.

Според него, „сето ова е срамно и Американците, Британците, Германците и сите други што се мешаат во БиХ тоа многу добро го знаат, веројатно пресметувајќи дека е потребно тоа да се направи, бидејќи Србите ќе прават врева неколку дена, а потоа ќе исчезнат“.