Извршниот директор на „Епл“, Тим Кук, доби повеќе од пет милиони акции во технолошката компанија како награда за успешната работа во изминатите десет години. Кук поголемиот дел од акциите веднаш го продаде за сума од над 750 милиони долари.

Како што наведува Би-би-си, се работи за реализација на договорот што го потпишал Кук со компанијата кога дошол на директорската позиција на местото на Стив Џобс.

„Наградата“ зависи од тоа колку високо котираат акциите на „Епл“ во споредба со другите фирми на берзанскиот индекс S&P 500.

На Кук му следувала награда бидејќи вредноста на акциите на компанијата пораснале за 191,83 проценти во последните три години, а откако стана извршен директор на „Епл“ на 24 август 2011 година, акциите на технолошкиот гигант пораснале за 1200 проценти.

Компанијата има проценета пазарна вредност од 2,5 билиони долари.

Кук во 2015 година изјави дека своето богатство ќе го подели пред да умре и досега има поклонето десетици милиони долари во хуманитарни цели. Според Блумберг, богатството на Кук е проценето на 1,5 милијарди долари.