Врховниот суд на САД ја отфрли забраната за апчиња за абортус и го врати „случајот мифепристон“

    51

    Врховниот суд на САД пресуди дека на Американките нема да им биде забрането да земаат апчиња за абортус „мифепристон“ додека не завршат судските спорови за ова прашање.

    Синоќа американскиот Врховен суд ја отфрли и забраната на пониските судови за апчињата за абортус, „продолжувајќи го статус квото“, јавува Би-Би-Си.

    Одлуката на Врховниот суд го испраќа „случајот мифепристон“ назад до понискиот Петти окружен Апелационен суд. Најверојатно случајот повторно ќе дојде пред Врховниот суд, кој ќе треба да ја донесе најважната пресуда за прашањето за абортусот.

    Судијата Метју Качмарик во Тексас, назначен од Доналд Трамп, на 7 април го запре одобрувањето на „мифепристон“ од страна на Управата за храна и лекови (ФДА), кој беше одобрен за употреба во САД пред повеќе од 20 години.

    Еден час по пресудата во Тексас, федералниот судија во Вашингтон, назначен од поранешниот американски претседател Барак Обама, издаде налог во посебен случај, наредувајќи ѝ на ФДА да го задржи лекот на пазарот во 17 држави и во областа Колумбија, каде што абортусот е легален.

    Пресудата во Тексас е една од најзначајните откако Врховниот суд ја поништи пресудата Роу против Вејд минатото лето, која со децении го штитеше уставното право на жените на абортус.

    Поддржувачите на правата на абортусот стравуваат дека одлуката на судијата во Тексас може да го отвори патот за државите предводени од републиканците да забранат абортуси.