Во Македонија ако си совесен граѓанин, ќе ги плаќаш долговите на неплаќачите

Како што информираат од Адвокатската комора во земјава компаниите и граѓаните се во клинч, поради Законот за облигационите односи и на Законот за извршување. Според нив се случуваат парадоксални појави, бидејќи се случува долговите на неплаќачите да ги плаќаат оние што се дисциплинирани. Тие укажуваат дека токму членот 368 од Законот за облигациони односи кој што е дискриминирачки и спротивен на Уставот, во праксата донесе многу контроверзности

1098

Измени на законите за облигациони односи и за извршување, кои беа донесени во минатата година донесоа многу контроверзности во праксата. Од овие измени не страдаат само обичните граѓани, туку и голем број на компании кои што не можат да си ги наплатат своите долгови. Адвокатските канцеларии во земјава од ден на ден,се повеќе се полнат со предмети од физички лица, кои се плашат дека ќе бидат оштетени од овие закони решенија и затоа навреме ја бараат правдата.

Тие укажуваат дека токму членот 368 од Законот за облигациони односи е дискриминирачки и спротивен на Уставот. Тој ги прекршува човековите права, затоа е потребно итно решение реагираат од Адвокатската комора на Македонија. Според нив со наведените измени се наруши правниот ред и поредок, се поттикна финансиска недисциплина, а тоа индиректно значи дека сите граѓани во Македонија ќе ги плаќаат долговите на неплаќачите, односно должниците. Тоа значи дека примената на законите за измени и дополнувања на Законот за облигационите односи и на Законот за извршување, не само што ќе се одрази негативно на работењето на компаниите во земјава, ќе го погоди целото стопанство, не само државни органи и институции. Но она што е најбитно, од примената на овие измени ќе бидат оштетени и многу граѓани кои имаат одредени побарувања, односно се јавуваат како доверители.

-Должниците се ставија во привилегирана положба, наспроти доверителите, а се наруши и финансиската стабилност на државата – велат од Комората и нагласуваат дека според Уставот, правото на сопственост е загарантирано право на секој граѓанин и правно лице.

Тие потсетуваат дека Уставот е највисок правен акт во државата, па оттука сите законски, подзаконски акти и други пишани правила треба да бидат во целосна согласност со овој правен акт.

-Се надеваме дека Уставниот суд, со целокупниот свој професионален интегритет и капацитет, внимателно ќе ги разгледа новите иницијативи кои се однесуваат на овој член и во најкраток рок ќе го разреши овој правен проблем, кој во пракса создава низа проблеми, за граѓаните, компаниите и институциите, велат од Адвокатската комора на Македонија.

Адвокатите објаснуваат дека измените на Законот за облигациони односи се спротивни на основните темелни вредности на Уставот и во праксата создаваат низа проблеми. Како што велат одредбите од член 368 од ЗОО, по донесените измени, се во директна спротивност со Законот за извршување, според кои, а согласно член 93 и 111, извршителот не може да го запре извршувањето поради апсолутна застареност на извршување.

-Се поставува прашање што ќе се случува со данокот на додадена вредност и другите даноци кои фирмите ги плаќаат однапред пред да го платат долгот? Ова особено се однесува на данокот на добивка. Како резултат на ваквите законски измени фирмите се доведуваат во ризик и од намалување на ликвидноста. Физичките лица односно граѓаните, кои не можат да ги наплатат своите побарувања, ќе изгубат пари или други добра, што ќе придонесе за зголемување на социјалните случаи – сметаат адвокатите.

Адвокатската комора со компаративни анализи на законските решенија што ја регулираат оваа област во другите држави. Според овие анализи, земјите како што се Хрватска, Босна и Херцеговина ги имаат истите одредби како што се во земјава пред донесувањето на овие законски одредби. Од комората сметаат дека доколку доверителите поднесат тужби пред судот во Стразбур, согласно воспоставената пракса на судот, извесно е дека ќе се утврди повреда на правата од Европска конвенција за заштита на човековите права и државата ќе биде таа која ќе ги плаќа штетите.

-Ако не се надминат овие законски решенија, значи дека сите граѓани во Македонија ќе ги плаќаат долговите на неплаќачите. Исто така, новите законски одредби се спротивни и на меѓународното право, бидејќи постои судска пресуда од Европскиот суд за човекови права, донесена за случајот „Бочварска против Република Македонија“ под број 27865/2, каде што судот се произнел дека побарувањата мора да се третираат како сопственост -потсетуваат од комората.

Она што најмногу ги загрижува граѓаните, објаснуваат адвокатите, е што доколку не се постапува доброволно по овие пресуди, тие се предмет на извршни постапки, при што, плаќањето на паричната рента може да биде доживотно, како што е наведено и во самиот Закон за облигациони однос. Така повеќе од јасно дека овие пресуди може да бидат предмет на извршување на неопределен временски период, и дека во овие случаи не може да се ограничи извршувањето на рок од 10 години.

-Согласно измените на Законот за облигационите односи, многу јасно е дека оваа законска измена ќе им го оневозможи на оштетените граѓани остварувањето на нивното целосно законско право на надомест на штета како парична рента. Со ова се потврдува дека предметната законска измена на Законот за облигационите односи е во спротивност со самиот Закон за облигационите односи, конкретно со член 177“, дообјаснуваат експертите.

(В.Ма.)