„Џулиета“ ја затрупа Шпанија: Неверојатно, на Мајорка падна еден метар снег/ВИДЕО

1122
EPA-EFE/Brais Lorenzo

Во Шпанија беснее бурата „Џулиета“, со обилни снежни врнежи на медитеранскиот архипелаг Балеарски острови, со силни удари на ветер и температури до минус 16 степени во континентална Шпанија, објави метеоролошката служба.

Најпогодени од невремето беа Балеарските острови, познати по својата блага и пријатна клима што ги прави популарни меѓу европските туристи, особено најголемиот остров Мајорка.

„На некои места над 800 метри надморска височина на северот на Мајорка, снежната покривка за 24 часа надмина еден метар“, соопшти метеоролошката служба, која врнежите од снег ги оцени како „вонредни“.

Во Мајорка силните налети на ветер достигнаа 117 километри на час, а наврна силен дожд – повеќе од 100 литри на метар квадратен.

Снег падна и во континенталниот дел на Шпанија, во Сан Себастијан на северот од земјата и во Каталонија на североисток, како и во околината на Барселона.

„Ова е најсилниот снег од март 2018 година“ во Барселона, соопшти метеоролошката служба.

Ниска температура од минус 16 е забележана во Арагон и Кастилја.