Ќе се постават 15 велосипедски паркинг- држачи во основните училишта и две сервисни станици

173

Основните училишта на територијата на Општина Гази Баба ќе добијат велосипедски паркинг-држачи, додека на бензинските станици, во трговските центри и на плоштадите каде што има видеонадзор и каде што се безбедни од кражби, во близина на велосипедските патеки ќе бидат поставени сервисни станици за велосипеди. Вредноста на проектот што ќе го реализира скопска фирма е 233.120 денари

 

Основните училишта на територијата на Општина Гази Баба ќе добијат велосипедски паркинг- држачи, додека на бензинските станици, во трговските центри и на плоштадите каде што има видеонадзор и каде што се безбедни од кражби, во близина на велосипедските патеки ќе бидат поставени сервисни станици за велосипеди. Вредноста на проектот што ќе го реализира скопска фирма е 233.120 денари.

Станува збор за 15 велосипедски паркинг-држачи со по пет места и за две сервисни станици. Потребно е носителот на набавката, според склучениот договор, во соработка со администрацијата на Општина Гази Баба да изврши мапирање и поставување на велосипедските паркинзи и на сервисните станици за велосипеди. Крајниот рок за реализација на активностите е 20 дена од добивањето налог за работа.

Инаку, Здружението на граѓани „Одржливи иницијативи“ за прв пат годинава спроведе анкета и додели награда за највелоопштина во Скопскиот Плански Регион. Посебно признание од жири-комисијата доби Општина Гази Баба за остварување велосипедска рекреативна инфраструктура покрај реката Вардар, која воедно служи за поврзување со општините Аеродрoм, Центар и Карпош.

Исто така, направената анализа на групата скопски велосипедисти „На точак“ покажала и други позитивни активности, меѓу кои се специјално издвоениот буџет на Општина Гази Баба за велосипедска инфраструктура за 2023 година, како и доделувањето субвенции за купување велосипеди и електрични тротинети.

– Ваквото признание од здруженијата на граѓани ни дава дополнителен стимул да ја развиваме велосипедската инфраструктура со која ќе овозможиме развој на алтернативниот транспорт, а со тоа и заштита на животната средина – нагласуваат од Општина Гази Баба.

(А.П.)