Ќе се кити елка под Марков Камен

260

Трета година по ред, организирано ќе се кити елка под Марков Камен во Општина Чучер Сандево. Овој пат, предновогодишниот настан ќе се одржи на 17 декември и од Здружението „Убавините на Скопска Црна Гора“ повикуваат да им се придружат сите оние што сакаат да пешачат по планинските патеки во должина од 10 километри, до Марков Камен.

Трета година по ред, организирано ќе се кити елка под Марков Камен во Општина Чучер Сандево. Овој пат, предновогодишниот настан ќе се одржи на 17 декември и од Здружението „Убавините на Скопска Црна Гора“ повикуваат да им се придружат сите оние што сакаат да пешачат по планинските патеки во должина од 10 километри, до Марков Камен.

– Здружението ги чува новогодишните лампиони од претходните две години, кои ќе се искористат за китењето. Елката се раскитува на средината од јануари – изјави претседателот на Здружението, Дејан Вељанов. 

Зборното место е кај манастирот „Долни Свети Илија“ во Мирковци, а движењето продолжува кон Глуво и Бразда, кон Вражнански Рид и по патеката на далеководите, каде што ќе се кити елката и доколку има услови, потоа ќе се оди до Марков Камен.

– Може да дојдете дотаму со сопствен превоз, а оние што ќе дојдат со автобусот со број „71“, ќе ги чекаме пред етноресторанот „Рибилимус“ во Глуво и заедно ќе продолжиме кон трасата на далеководите. Инаку, автобусот со број „71“ тргнува од Транспортниот центар во 9:45 часот. Автобус за назад има во 15:20 часот – информираат од здружението.

Оттаму информираат дека турата е лесна, патеката е долга 10 километри, со висинска разлика од 200 метри. Тие додаваат дека како опрема ќе бидат потребни: разгазени гојзерици, облека во слоеви за заштита од студ и ветер, мантил за заштита од дожд и ветер, стапови за помош при движење по патеката, вода и храна според сопствените потреби, а може да се донесе и по некој украс за да се накити елката.

Кој е заинтересиран, може да учествува на утринската литургија во манастирот „Свети Илија“ во Мирковци. Утринската литургија почнува во 8:00 часот. Дотаму може да се дојде со сопствен превоз или со автобусот со број „61“, кој тргнува од Транспортниот центар во 6:45 часот. Движењето ќе биде во група, ќе се прават повеќе кратки паузи и една поголема околу елката, кога ќе се кити таа.

Од Здружението „Убавините на Скопска Црна Гора“ предупредуваат дека не треба да се заборави дека при движењето по планинските патеки нема црвен тепих, туку дека заеднички треба да се поминат сите препреки.

(А.П.)