Ќе бидат поставени ЛЕД-светилки и паметни ормани

326

 Договорот е склучен во времетраење од четири години од денот на неговото потпишување од двете договорни страни, односно до исполнување на обврските од договорот или исцрпување на средствата предвидени за предметната набавка. Според понудата, ќе бидат поставени 3.982 ЛЕД- светилки и 150 паметни ормани

 

Општина Центар ќе изврши реконструкција на јавното осветлување, односно ќе постави ЛЕД- светилки, систем за администрација, дигитализација и паметно мерење и управување со електричната енергија – паметни ормани.

За таа цел, Општината на петти декември склучила договор со Друштвото за комуникациски услуги „А1 Македонија“ ДООЕЛ Скопје, во вредност од  127. 698.171,12 денари или околу 2 милиона евра со вклучен ДДВ.

Договорот е склучен во времетраење од четири години од денот на неговото потпишување од двете договорни страни, односно до исполнување на обврските од договорот или исцрпување на средствата предвидени за предметната набавка.

Според понудата, ќе бидат поставени 3.982 ЛЕД- светилки и 150 паметни ормани.

– „А1 Македонија“, според договорот, е должен да направи детална анализа на барањата и да изготви финално техничко решение за имплементација на решението на територијата на Општина Центар во рок од 60 дена од потпишување на договорот, да испорача ЛЕД-светилки, мрежна и комуникациска опрема, апликација и останати материјали потребни за инсталирање и непречено функционирање на системот дефиниран во техничката спецификација. Потоа, должен е да изврши демонтажа на постојните светилки, нивни попис и складирање во магацински простор обезбеден од Општината (светилките се сопственост на Општина Центар), да ја обезбеди потребната инфраструктура, вклучувајќи хардвер, системски софтвер, база на податоци и лиценци потребни за административна дигитализација, реконструкција на јавното осветлување и работа на системот за паметно мерење и управување со електричната енергија – паметни ормани – стои во склучениот договор.

Воедно, фирмата треба да обезбеди и гаранција и потполна функционалност на сите испорачани хардверски и софтверски компоненти, како и на услугите на облак (Cloud) во текот на целото времетраење на гарантниот рок од 36 месеци, по финалното потпишување на записникот за примопредавање, да изврши обука предвидена со тендерската документација на дел од вработените од Општина Центар и да ги извршува сите останати обврски определени со тендерската документација и договорот.

Крајниот рок за набавка и за инсталација на системот е 275 дена од денот на одобрување на финалното техничко решение од страна на Општина Центар.

(А.П.)