Јубилеј – 60 години Музеј на современата уметност/ФОТОГАЛЕРИЈА

55

Во пресрет на утрешниот јубилеј 60 години постоење, Музејот на современа уметност – Скопје денеска на матине ексклузивно го изложи уметничкото дело „Доблест во нужност“ на Џанфранко Барукело, ќе промовира нов број од списанието „Големото стакло“ и ќе организира стручно водење низ тековните музејски поставки.

Фото: Ѕ.Плавевски

МСУ соопшти дека делото на познатиот италијански уметник Барукело (1924 – 2023) го изложува првпат по 35 години. Тоа е дел од уникатната колекција создадена од подарените дела на уметниците низ светот во знак на солидарност по катастрофалниот скопски земјотрес во 1963 година.

„Делото на Барукело, кое е едно од најрепрезентативните донации на МСУ, е конзервирано од стручниот тим на Музејот и ќе биде претставено пред јавноста овозможувајќи нови согледби и толкувања“, соопшти МСУ.

На јубилејниот настан ќе биде претставен и најновиот број на списанието за современа уметност, култура и теорија „Големото стакло“ (бр.35/36, 2023) насочено кон актуелните дебати во критичката музеологија.

Настанот вклучува и стручно водење низ тековните поставки со кустос-водич Бојана Јанева, како и диџеј сет на Игор Спироски. По повод јубилејот, МСУ соопшти дека е зголемена понудата на продукти на неговата книжарница.