Јованка Броз „во боја“ – некрунисаната кралица на социјалистичката мода – Во нејзината чест се одржа гламурозната модна ревија

459

За модните босови од модните писти на Милано, Париз или Лондон и Токио важеше за некрунисаната кралица на социјалистичката мода! Самата го имаше изградено препознатливиот моден идентитет во комбинација со препознатливата  пунџа фризура. Јованка знаеше тоа да го носи како вистинска госпоѓа, иако само некоја деценија пред тоа беше извалкана партизанка, штотуку дојдена од самиот фронт за ослободување од фашистичките окупатори  

Поранешната прва дама на Југославија, другарката Јованка Броз, вдовицата на Маршалот Тито, таквата чест не ја доживеа додека беше жива, тогаш за жал, најчесто понижувана, сега наеднаш воскресната. И тоа во облик на ексклузивната модна ревија „Јованка во боја“, инспирирана од ликот и делото на Јованка Броз, сопругата на доживотниот претседател на Социјалистичка Југославија – Јосип Броз Тито.

Ревијата се одржа деновиве пред преполно гледалиште во „Палатата Србија“, а во рамките на манифестацијата „Белградска модна недела“. Организацијата беше на српското модно студио „Клик“. На модната ревија беа претставени 23 избрани дизајнери од Србија, како и од другите југословенски екс-социјалистички републики. Меѓу нив и македонската дизајнерка Лидија Георгиева, заедно со компанијата „Завар дизајн“, кои беа единствени претставници од Македонија и кои ги воодушевија присутните.

Ревијата е дел од поширокиот проект „Јованка во боја“, кој го прикажува наследството кое семејството на Јованка Броз го доби по нејзината смрт. Тоа вклучува околу 3.000 артефакти – нејзините раскошни фустани, костуми, зимски и летни чевли, модни додатоци, како и скици и фотографии.

Тогашната прва дама на Југославија се облекуваше најчесто според протоколите на СФРЈ, но и на земјата домаќин во која ќе се најдеше заедно со сопругот Тито. Таа во тие земји сепак, предност им даваше на југословенските модни парчиња, со цел да се промовира југословенската мода. Јованка, за модните босови од модните писти на Милано, Париз или Лондон и Токио важеше за некрунисаната кралица на социјалистичката мода!

Таа самата го имаше изградено  препознатливиот моден идентитет во комбинација со препознатливата пунџа фризура. Јованка знаеше тоа да го носи како вистинска госпоѓа, иако само некоја деценија пред тоа, беше извалкана партизанка, штотуку дојдена од самиот фронт за ослободувањето на нејзината татковина Југославија од фашистичкиот окупатор.

Во план е оваа уникатна модна ревија во наредниот период да се одржи и во останатите некогашни југословенски главни градови, меѓу кои и во нашето Скопје.

Кон се ова треба особено да се нагласи дека на ревијата присуствуваше и Нада Будисављевиќ, сестрата на Јованка Броз, која судејќи според нејзините реакции, беше прилично пријатно возбудена.   (Д.М.) фото:архива