Швајцарците на референдум ја поддржаа 13-та пензија, но го отфрлија зголемувањето на старосната граница за пензионирање

77

Швајцарските граѓани денеска на референдум го поддржаа воведувањето на 13-та пензија, бидејќи загриженоста за трошоците за живот ги надмина сомнежите на Владата за нејзината достапност, според првичните проекции.

Првите податоци, објавени од СРФ, покажуваат дека 58 отсто од гласачите ја поддржале дополнителната пензија, односно 13-та годишна исплата, додека 42 отсто се против, пренесува Ројтерс.

Усвојувањето на оваа мерка, која ја промовираа Конфедерацијата на синдикати на Швајцарија и партиите од левиот центар, бара поддршка од мнозинството од 26-те швајцарски кантони.

„Овој чекор е навистина огромна пресвртница од перспектива на синдикатот“, изјави Лукас Голдер од агенцијата „gfs.bern“ за SRF.

Владата, деловните лоби и парламентот, кој моментално се приклонува кон десно, го отфрлија предлогот како финансиски несоодветен.

Не се знае од кои средства ќе се финансира 13-тата пензија чија исплата ќе започне во 2026 година.

Минималната старосна пензија во Швајцарија е 1.225 швајцарски франци, а највисоката е 2.450 франци.

Швајцарците денеска гласаа и за зголемување на старосната граница за пензионирање, а овој предлог беше категорично отфрлен.