Што бара Зеленски од Западот?

189

На Украина ѝ требаат повеќе системи за противвоздушна одбрана и борбени авиони од нејзините западни партнери за да се постигне паритет со Русија, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски. Американскиот државен секретар, Ентони Блинкен, во текот на посетата на Киев изјави дека Вашингтон „интензивно работи“ на испорака на „патриот“ и на други системи за противвоздушна одбрана во Украина. Покрај САД, Германија, исто така, се обврза да испорача уште една „патриотска“ батерија во Украина, во блиска иднина

Руската армија има предност кога е борбата за небото во прашање, односно воздушниот простор, призна Зеленски во интервју за агенцијата АФП.

– Верувам дека денес имаме околу 25 отсто од она што ни е потребно за да ја одбраниме Украина. Зборувам за противвоздушната одбрана – рече тој.

Што се однесува до борбените авиони, треба да бидат испорачани 120-130 модерни авиони во Киев, „за Русија да нема воздушна супериорност“, според Зеленски.

– Севкупно, ни треба флота од „Ф-16“ во бројки за кои зборував за да постигнеме паритет – заклучи тој.

Инаку, американскиот државен секретар, Ентони Блинкен, при на посетата на Киев изјави дека Вашингтон „интензивно работи“ на испорака на „патриот“ и на други системи за противвоздушна одбрана во Украина, на што Зеленски одговори дека на украинската армија ѝ се потребни две батерии „патриот“ само за Харковската Област, каде што напредува руската армија од ден на ден.

Покрај САД, Германија, исто така, се обврза да испорача уште една „патриотска“ батерија во Украина, во блиска иднина.

Од друга страна, познато е дека борбените авиони „Ф-16“ ќе пристигнат во Украина во „следните неколку месеци“, што го потврди и данската премиерка, Мете Фредериксен, по првичната изјава дека леталото ќе пристигне „во текот на следниот месец“.

Постојаното доцнење на испораката на американските авиони е предизвикано од тешкотиите со кои се соочуваат украинските пилоти при обуката, како и од несоодветната опрема на воздухопловните бази и аеродромите каде што треба да бидат стационирани „Ф-16“ кога ќе бидат испорачани во Украина, соопшти „Танјуг“.