Галеријата „Чифте амам“ од денеска (5 декември) ќе стане „Музеј на детството“. Станува збор за самостојна изложба на ликовниот уметник и професор Ешреф Ќахили од Приштина, Косово. Изложбата, која ќе биде отворена во 19 часот, опфаќа триесетина дела во техниката масло на платно и комбинирана техника и на уметничката сцена, за публиката, ќе биде достапна до 18 декември 2023. Ќахили првпат изложува во Националната галерија, а овој проект е во рамките на билатералната културна размена на нашата држава со Косово.

Низ триесетина дела групирани во циклуси, авторот ги води посетителите низ секојдневните случки, почнувајќи од најраното детство, преку младоста, па сѐ до зрелите години. Низ елементи на експлицитен израз на доживувањата, тој раскажува за средбите со светските метрополи на уметноста и за седенките со уметниците од регионот, на кои разменувале многу творечки мисли и доживувања. Делата на Ќахили се многу блиски до палеолитските, магдаленските слики, кои преку линијата и цртежот ни ги доловуваат експресиите од ловот, ни ги претставуваат животните, садовите, оружјето што го користеле тогашните луѓе. Во нив Ќахили, преку минатото, ја отсликува сегашноста, а нѐ води кон иднината преку својот креативен поглед низ уметничкиот изблик. Во делата преовладува геометризмот, шематизмот, а фигуративната претстава се претопува во симболи и разни знакови од религиските концепции. Во изложените дела се издвојува фигурата како експресивен модел, вметната на чиста заднина, главно бела, но понекогаш и колоритна. Фигурата и аморфното се среќаваат и на сина заднина, која постигнува ефект на уметнички баланс. Низ циклусот слики Ќахили нѐ води низ фудбалските игралишта на играта во која доминира линијата како премер и перфектен привид на селективниот организиран собир.

Во своето сликарство Ќахили настојува да ги претстави обичаите на секојдневието во светлината на избраните тонови. Преку прецизниот и јасен цртеж и драматичната тема, го запознаваме времето во кое живее тој и начинот на кој го доживува. Пресекувањето на хоризонталата и вертикалата ја открива неговата индивидуалност, збогатена со рамноправно распоредените бои, кои им додаваат живост на претставените мотиви.

Куратор на изложбата е Маја Крстевска, виш кустос во Националната галерија.