Договорот за вработување на определено време да се склучува на максимум една година, а потоа да се трансформира во договор на неопределено време, а породилното отсуство да биде најмалку 12 месеци. Ова се двете главни барања кои Сојузот на синдикатите на Македонија ги постави како црвени линии при составувањето на новиот Закон за работни односи.
-Бараме договорите за работа на определено време да не траат подолго од една година бидејќи по овој основ за време на ковид-пандемијата изгубивме речиси 70 отсто од работните места, а со тоа оставивме голем број работници без основна егзистенција. По истекот на една година бараме Агенцијата за вработување по автоматизам да го трансформира односот од определено во неопределено време, рече Димовски.
Тој додава дека бараат и да се изостави членот 117, став 2, од Законот за работни односи кој овозможува работодавачот да ангажира работник три месеци прекувремено иза тоа да не му плаќа.
-Знаеме дека таму стои дека работодавачот може при зголемен обем на работа да ангажира работници, па сите го прават тоа, информира Димовски.
Во рамките на своите црвени линии ССМ има и други предлози за новиот закон за работни односи кој е во подготовка, со кои ресорната министерка за труд и социјална политика Јагода Шахпаска ја запознаа на средба во Синдикатот. Се бара да нема контролен период за прекувремена работа, потоа доследно да се почитува правото за уредување на плата со закон и колективен договор, целосно да се остварува правото за годишен одмор, компаниите да обезбедуваат безбедни и здрави услови за работа, задолжително да се уредуваат правата од работен однос со колективен договор во компаниите кои вработуваат над 30 работници, да се зголеми испратнината при отказ од деловни причини до 12 нето-плати, да продолжат преговорите за Општиот колективен договор за јавниот сектор и други.
ССМ уште еднаш го потенцира она што го бара низ целиот период на пандемијата, а тоа е ковид-19 да се третира како професионална болест, па и во приватните фирми тие што ќе одат во изолација или самоизолација да добиваат цела плата, а не 70 проценти како да се на боледување.
Според Димовски, со министерката се постигнала целосна усогласеност по прашањето за недела неработен ден. Договорено е за работаво недела работодавците во трговските центри да плаќаат дневница зголемена за 100 проценти и на вработените да им даваат слободен ден. Останатите работници од дејностите на кои поради спецификата или неопходноста за функционирање на државата ќе им биде дозволено да работат во недела ќе добиваат дневница зголемена за најмалку 50 проценти и слободен ден, но, таа може да биде и повисока ако тоа се утврди со колективен договор или друг закон освен Законот за работни односи. Договорено е и да се работи само во една смена од 10 до 18 часот.
Како што објави ССМ на средбата било договорено и со колективен договор здравствените работници да можат да користат годишен одмор до 36 дена.
-Со МТСП сме на иста линија, треба да седнеме со работодавачите и врз основа на тие факти да кажеме дека е тоа неопходно за да функционира ова општество бидејќи знаеме дека во време на ковид-19 работниците ги изгубија работните места и сакаат да ја напуштат државата. Ние само преку фундаменталниот закон за работни односи и колективните договори може да ги заштитиме, изјави Димовски.
Синдикалците сенадеваат дека новиот закон за работни односи ќе се донесе уште годинава и дека со него ќе се вратат многу работнички права кои низ годините се изгубиле. И министерката Шахпаска смета дека новата трудова регулатива треба да обезбеди почитување на работничките права.
-Законските решенија треба да обезбедат почитување на работничките права, затоа што, мотивиран работник е работник кој работи според јасно определени и дефинирани работни односи, на кој му се почитуваат правата во делот на користење на годишен одмор, слободни денови, ден на неделен одмор, како и безбедност во работата, нагласи таа.
Шахпаска информира дека новиот системски закон за работните односи е во финална фаза и наскоро ќе се даде на јавна дебата. На него работат претставници на повеќе синдикати, на работодавците, потоа експерти од академската јавност, меѓународни експерти и претставници на Меѓународната организација на трудот.
Инаку, Законот за работни односи што сега е во примена се смета за закон кој претрпел најмногу измени досега. За неколку години беше менуван најмалку 12 пати, па според мислење на експертите од трудовата област во периодите кога немало пречистен текст, со него тешко се снаоѓале и судиите кога одлучувале по работните спорови. Во моментов пред пратениците е уште еден предлог за измена на Законот за работни односи, со која заминувањето во пензија за најголемиот број работници ќе се ограничи на 64-годишна возраст. Ако годинава не се донесе новиот закон, со измена на стариот ќе се уреди и неделата како неработен ден.
(С.В.)