Хуманитарни пакети за најранливите категории граѓани

102

Организаторите очекуваат да бидат поделени околу триесет пакети со средства за лична хигиена и со прехранбени продукти, наменети за социјално загрозените лица, бездомниците, инвалидите, самохраните родители. Од Граѓанската иницијатива велат дека пакетите се обезбедени од неколку странски и домашни општествено одговорни компании, а е вклучен и Црвениот крст, за кој очекуваат да им стане партнер во активностите. До Нова година ќе организираат уште една хуманитарна акција, во Пробиштип, во која ќе бидат опфатени и децата, кои ќе ги израдуваат со новогодишни пакетчиња

Под слоганот „Помогни, донирај и заштити ја животната средина“, Граѓанската хуманитарна иницијатива од група граѓани, меѓу кои и Зоран Велески, родител на Александар, лице болно од церебрална парализа, в понеделник ќе организира хуманитарна активност во пабот „Карактер“ во Дебар Маало.

Организаторите очекуваат да бидат поделени околу триесет пакети со средства за лична хигиена и со прехранбени продукти, наменети за социјално загрозените лица, бездомниците, инвалидите, самохраните родители.

Од Граѓанската иницијатива велат дека пакетите се обезбедени од неколку странски и домашни општествено одговорни компании, а е вклучен и Црвениот крст, за кој очекуваат да им стане партнер во активностите.

– Нам ни е најбитно тоа што пакетите ќе одат на вистинската адреса, кај оние на кои навистина им се потребни – нагласија од Граѓанската хуманитарна иницијатива.

Ова е втора ваква активност на Граѓанската иницијатива, која планира да реализира уште една пред Нова Година, во Пробиштип.

– Сакаме да ги прошириме нашите активности низ сите градови во Македонија. Така, очекуваме следната акција, по оваа в понеделник, да биде во Пробиштип, за што чекаме потврда – најавија од Граѓанската иницијатива.

Оттаму информираа дека со оваа хуманитарна активност ќе бидат опфатени и децата.

– Со оглед на претстојните новогодишни и божиќни празници, ќе се обидеме да ги израдуваме и децата, делејќи им новогодишни пакетчиња – наведоа од Граѓанската иницијатива.

Инаку, Граѓанската иницијатива ја реализира својата прва хуманитарна активност на 20 ноември 2023 година, кога, во пабот „Карактер“, подели околу 20 пакети на бездомни лица, лица со посебни потреби, социјално-загрозени лица, самохрани родители.

– Првата акција помина многу добро, подобро од она што очекувавме. Во рамките на таа акција, им ги однесовме пакетите на лицата со попреченост, кои не се во можност сами да се движат, во нивните домови. Имавме четири такви лица – велат од Граѓанската иницијатива.

Тие се надеваат на уште поголем одѕив во наредните акции што ќе ги организираат и очекуваат граѓаните сами да се пријават со оглед на воспоставените контакти на социјалните мрежи.

(А.П.)