Иван Љубичиќ, кој му беше тренер на Швајцарецот од 2016 па сè до неговото пензионирање минатата година, во интервју за „Tennis Majors“ откри дека тајната на успехот на легендарниот Швајцарец била во тоа што максимално уживал во сето што правел на теренот и надвор од него

Поранешниот тренер на Роже Федерер, Хрватот Иван Љубичиќ, проговори за долгогодишната соработка со најдобриот швајцарски тенисер во историјата. Љубичиќ во интервју за „Tennis Majors“ откри дека тајната на успехот на легендарниот Швајцарец лежи во тоа што максимално уживал во сето она што го правел.

„Тој наоѓаше радост во сè што правеше, дури и во прес-конференциите, дружењето со навивачите, спонзорите – секогаш уживаше“, нагласи Љубичиќ.

„Тоа не мора да доаѓа автоматски, но тој наоѓа начин да ужива во тоа. Мислам дека тоа е клучот. Тенисот е нешто друго. Мислам, секогаш кога ќе види рекет, кој било рекет, ќе го земе и ќе почне да се мавта со него. Знаете, само љубов според ударот на таа топка, таа е преголема“, додаде хрватскиот тренер.

Тој откри и што можело да го спречи Роже.

„Единствениот начин да застане беше ако неговото тело не може да продолжи. Тој го сака тенисот толку многу што немаше шанси да одлучи да престане да игра затоа што повеќе не сакаше. Тоа никогаш не би можело да се случи. Неговата вештина не страдаше, неговото тело со текот на времето може малку забави, но неговата генијалност сепак го задржа на врвот“, открива поранешниот хрватски ас.

Љубичиќ потсети на почетокот на соработката со Федерер.

“Почетокот беше тежок, бидејќи тој го повреди менискусот на вториот турнир на кој јас му бев тренер и беше подложен на првата операција. Сепак, во исто време, гледајќи наназад, можеби е среќа што имавме време да работиме и уште подобро да се запознаеме”. кажа тој и додаде:

„Секако, имав непријатни моменти, луѓето мислеа дека сум ангажиран затоа што сум негов пријател и слични работи. Но, се разбира, тој беше среќен што резултатите доаѓаат“.

Љубичиќ со Федерер соработуваше од 2016 до 2022 година, кога Швајцарецот и официјално се пензионираше.