„Книгата претставува патување низ градовите и местата во Македонија, со поширок историски и географски опис на секое место каде што престојувал авторот, претежно местата од Скопје до Гевгелија. Она што е интересно да се каже и што предизвика интерес да ја прочитам оваа книга печатена во 1921 е фактот што Туќан за цело време во книгата го користи името Македонија, Македонци, македонски градови, македонска река, македонска планина, македонска култура, македонски обичаи… Всушност, името на книгата е ‘Македонија’. Авторот создава еден зрел однос кон македонските Словени во рамките на Кралството СХС и сите политички предрасуди што се наметнувале со векови кај соседите на Балканот, успеал да ги надмине на еден зрел и здравоумен начин“, вели во разговорот за весникот ВЕЧЕР д-р Златко Трајков по повод книгата „По Македонија“ на хрватскиот научник Фран Туќан, која, како што вели, е уште еден доказ за посебните историски и културни особености на Македонија. Со д-р Трајков зборувавме и во април, за книгата на која работи – „Гевгелија“

 

 Како дојдовте до примерокот на ова исклучително ретко и значајно дело?

Истражувајќи за минатото на Градот Гевгелија, имав можност да се сретнам со многу луѓе, да дојдам до многу приватни архиви и во допир со многу приватни книги, од кои дел беа доста стари и поседуваа национално-историска вредност за нашиот град, за нашата држава и за нашиот народ. Меѓу нив е оригинален примерок од книгата „По Македонија: патнички слики и импресии“ од Фран Туќан, која е печатена во 1921 година, стара 103 години. Во нашата држава се зачувани само две оригинални книги. Еден примерок се наоѓа во Природонаучниот музеј на Македонија во Скопје, а другиот примерок се наоѓа во НУБ „Свети Климент Охридски“ во Скопје. Книгата е приватна сопственост на гевгеличанец и е зачувана во добра состојба. На книгата има еден печат на Кралството СХС и еден печат на СФР Југославија. Правам напори книгата да ѝ биде подарена на државата, односно да му биде подарена на Градот Гевгелија, за што наидов на разбирање со сопственикот на книгата. Сопственикот е расположен да му подари на Градот Гевгелија и други документи и книги што се поврзани со минатото на нашиот град, а претставуваат дел од неговата приватна архива.

Фран Туќан

Кој бил, всушност, Фран Туќан?

Фран Туќан бил хрватски минеролог и петрограф, роден во Дивуша, на 26 септември 1878 г. Основно училиште завршил во Дивуша, а потоа завршил гимназија и студирал природни науки на Филозофскиот факултет во Загреб. Докторирал во 1905 година, под раководство на професорот Мија Кишпатиќ, со дисертацијата ‘Пегматити во кристалните карпи на Мославина Гора’. Таа година станал кустос на Минералошко-петрографскиот оддел на Народниот музеј во Загреб. Во 1918 година, откако се пензионирал професорот Кишпатиќ, тој станал професор на Филозофскиот факултет во Загреб, каде што предавал предмети за петрографија и петрологија. Следната година ја добил титулата редовен професор и комесар за образование и веронаука во Хрватска. Во 1930 година бил избран за постојан член на Југословенската академија на науките и уметностите. Работата на проф. Туќан била прекината во текот на Втората светска војна, од 1942 до 1945 година, кога бил во пензија и затворен во логор. По завршувањето на војната, тој се вратил на Универзитетот и станал прв декан на новооснованиот Природно-математички факултет во Загреб. Книгата ‘По Македонија: патнички слики и импресии’, колку што е познато, е единствениот патопис напишан од Туќан, но во исто време е и единствениот хрватски патопис за патувањата и престојот во Македонија од почетокот на дваесеттиот век. Туќан бил научник од областа на минералогијата, писател на научни текстови, но неговиот патопис го вбројува и меѓу хрватските писатели патописци. Патописот ‘По Македонија: патувачки слики и впечатоци’ е репрезентативен пример за овој литературен род и може да се смета за вреден литературен придонес во откривањето и проучувањето на македонско-хрватските книжевни врски на почетокот од 20 век

Што разработува оваа книга на Туќан и што е она што Ви остави најсилен впечаток?

Книгата ја разработува темата ‘Македонија’. Претставува патување низ градовите и местата во Македонија, со поширок историски и географски опис на секое место каде што престојувал авторот, претежно местата од Скопје до Гевгелија. Она што е интересно да се каже и што предизвика интерес да ја прочитам оваа книга е фактот што Фран Туќан за цело време во книгата го користи името Македонија, Македонци, Македонец, Македонка, македонски градови, македонска река, македонска планина, македонска култура, македонски обичаи итн. Всушност, името на книгата е ‘Македонија’. Авторот создава еден зрел однос кон македонските Словени во рамките на Кралството СХС и сите политички предрасуди што се наметнувале со векови кај соседите на Балканот, успеал да ги надмине на еден зрел и здравоумен начин. Во еден момент, во однос на надворешните влијанија кај Македонците, Фран Туќан нагласува дека Македонците се најблиску до Србите по културата, поради традицијата на слава која постоела и кај Македонците и кај Србите. Но, тоа не се коси со перцепцијата на авторот за фактот дека Македонците и Србите се претставени како два словенски народа. Во овој контекст, Фран Туќан зборува како заблескала Македонија во раната зора на словенската писменост, со првите зраци на словенското христијанство, словенската писменост и словенската цивилизација и дека Македонија е колевка на словенското христијанство, писменост и цивилизација. Понатаму, авторот наведува дека Македонците воделе борба за слобода многу рано, дека основале своја самостојна држава уште во средниот век и создале свое македонско царство на чело со цар Самоил. Во предговорот на книгата, Фран Туќан многу јасно кажува дека досега се гледало кон браќата Македонци со омраза и дека треба да се запознаат одблизу тие наши браќа – Македонците. Всушност, предговорот претставуваа еден вид јавен дипломатски приговор кон кралот Петар Први, односно кон кралот Aлександар Први Караѓорѓевиќ, дека е крајно време да се гледа кон браќата Македонци братски и со љубов во рамките на Кралството СХС уште во 1921 година. Во овој контекст, Фран Туќан наведува, цитирам: ‘Во нашите срца завладеела омраза и никако не дава место на братската љубов. А, нашите срца сакаат да знаат за љубов; нашата душа е добра, но има нешто што нас нè помрачува, што буди во нас недоверба кон нашите браќа…’ Тој понатаму нагласува дека е потребно да се види што чувствуваат Македонците, да се почитува нивното душевно настроение и нивниот внатрешен порив што проникнува во самите Македонци.

 

Што пишува Туќан за посетата на Гевгелија?

За мене, но верувам и за гевгеличани, многу важно во книгата на Фран Туќан е неговата посета на мојот и на нашиот град – Гевгелија. Тој дошол во Градот Гевгелија во 1921 година, веднаш по Првата светска војна. Неговиот опис на Градот Гевгелија во 1921 година душевно ме потресува. Од градот немало речиси ништо. Во градот, во текот на војната, се случувала најстрашната борба. Еве како германскиот научник Дофлајн ја опишува Гевгелија во текот на Првата светска војна, во книгата на авторот: ‘По широките и светли улици на Гевгелија бевме само ние, три живи битија. Имаше само празни куќи. Не можеше да се види ниту кола, ниту животно, ниту човек. Прозорците беа без стакла, а над куќите немаше покриви. Длабока тишина легнала над градот, каде што пред војната сигурно било место на голема трговија, промет и живот. Денес, Гевгелија останала само пуста урнатина!’ Така било во Гевгелија во текот на војната од 1915 до 1918 година. Но, Фран Туќан, по војната во 1921 година, за Гевгелија запишал, цитирам: ‘Денес, Гевгелија е малку поткрпена и во неа повторно се спрема да заживее весел живот. Сепак, денес во Гевгелија е доста живо и ако не се гледаат оние силни урнатини по градот, не би кажал дека некогаш бил жива пустош овој град’.

 

Вие, веќе десетина години ја истражувате историјата на Гевгелија, имате откриено голем број пишан материјал за градот. Дали, можеби, сметате дека е дојдено време Гевгелија  да основа градски архив?          

Во период од 10 години, додека истражував за Градот Гевгелија, се сретнав со многу вредни книги, документи, дневници, фотографии и друг историски материјал во оригинал, кој претставува историско богатство за Градот Гевгелија, но и за државата. Потребно е таквиот материјал, кој постои кај граѓаните, да се згрижи под закрила на институциите на градот. Тука подразбирам луѓето да создадат здрав однос кон своето културно наследство, кое го наследиле од своите предци, како: стари книги, фотографии, документи, спомени, дневници, усно предание, уметнички слики итн. Ќе се навратам во 2016 година, на зборовите на покојниот претседател на МАНУ, академик Ѓорги Старделов, кога во една пригода, на промоцијата на мојата книга ‘Гевгелија 130 години град’ во Народниот театар во Град Гевгелија, зборуваше пред Општината, пред пошироката јавност и пред интелектуалната фела на градот дека е потребно што побрзо да се основа градски архив, кој ќе се занимава со истражување, собирање и со анализирање на историски материјали, односно ќе извршува научноистражувачка дејност поврзана со минатото на Градот Гевгелија. Всушност, во сите светски архиви постои огромен историски фонд на податоци во разни пишани форми, а кои се однесуваат на Градот Гевгелија и за кои е потребна научна евалуација. Затоа, потребна е широка интервенција и помош од општинските инстанци. Академик Ѓорги Старделов беше сосема во право кога зборуваше за еден таков градски архив. Сето тоа е многу важно за едно општество: да поседуваме што поголема база на податоци за своето постоење, егзистирање и опстојување. Се надевам и голем оптимист сум дека во иднина ќе се консолидираме како општество и како град во однос на ова значајно прашање. Индивидуално, јас како единка, за една декада успеав да ‘ископам’ 10.000 документи од 12 странски архиви, кои се однесуваат на минатото на Градот Гевгелија, и да ги преведам, обработам и да ги подготвам, на најсоодветен начин, за публикација. Што ќе се случи ако работи еден таков градски архив со поширок стручен тим, кој ќе се посвети сериозно на научноистражувачката дејност? Кога би вршеле, како град, таква научна дејност, тогаш би можеле да отвораме редовни јавни презентации на научниот материјал и пред научната фела и пред пошироката јавност. Тогаш ќе се создадат услови и ќе се наметне потребата од основање засебни музеи во повеќе области од општественото живеење на Градот Гевгелија, како музеј на фотографијата, музеј на свилата, железнички музеј, современ музеј на уметноста на Гевгелија и други такви куќи, кои ќе го збогатат културолошкото милје на градот. За крај, сакам да пратам апел до институциите на градот, но и до државата, дека е потребно посериозно да пристапиме кон евалуација на поширокото историско наследство на секој град. Граѓаните поседуваат огромен дел од тоа наследство, но огромен дел се наоѓа и во странските архиви, речиси на сите земји во светот.

Љубчо АЛЕКСОВСКИ