Во Скопје и во нашата држава се возат хибридни и електрични возила, но многу далеку сме по бројот на вакви возила што се возат во светот, пред сè поради тоа што се скапи и се недостапни за нашите потрошувачи, но сè уште се техничка непознаница за голем број луѓе.
Со цел да се поттикне поголемото нивно користење денеска се одржа тркалезна маса во организација на Е-Авто рели Македонија со учество на претставници од импортери на вакви возила, од ЕВН Македонија која ја има развиено мрежата на полначи на ваквите автомобили, како и од Град Скопје.
Крумислав Барзов од „Автомагазин“ истакна дека хибридите најчесто се користат за градско возење, особено во големите светски метрополи. Уште една од многуте придобивки од овој тип возила е тоа што се тивки и не предизвикуваат никаква бучава. Токму поради тоа тој побара Град Скопје да се вклучи помасовно во употребата на возила за јавен транспорт кои користат некоја од напредните технологии.
– Во градскиот јавен сообраќај, поточно кај приватните превозници се собрани возила кои се да не речам ѓубре и не се за превоз на патници. Мора Градот да им помогне со субвенции да го променат возниот парк со возила кои помалку го загадуваат воздухот – истакна Барзов.
Претставникот од Град Скопје рече дека се прават измени во законот за превоз на патници со цел да им се овозможи на такси-превозниците да набавуваат хибридни возила со што автоматски ќе добиваат лиценца.
– Има најави од две поголеми такси компании во Скопје да воведат вакви возила во нивниот возен парк. Се работи и на купување на нови автобуси што помалку загадуваат, но сметам дека воведувањето на трамвајот ќе го реши проблемот – потенцира тој.
Додека во Македонија сè уште не се многу популарни, хибридите во светот веќе дваесетина години успешно се продаваат на пазарите и со брзиот развој на технологијата, денес се доведени скоро до технолошка перфекција. Лани во Европа се продадоа 460.000 хибридни и 144.000 плуг-ин хибридни возила.
За оние пак, кои веќе се возат со електрични и хибридни возила, ЕВН Македонија има поставено 40 полначи низ државава, од кои 17 се во Скопје.
– Мрежата на ЕВН е функционална и во земјава може да се воведат значителен број на вакви возила. Но, ако процентот рапидно се зголеми ќе треба да се направат значителни зафати во достапноста на енергија за полнење од една страна, но тоа од друга страна ќе ја оптовари дистрибутивната мрежа, но и за тоа има решение – кажа претставникот од ЕВН.
Полнењето на ваквите возила преку полначите на ЕВН е бесплатно, но, како што беше речено, тоа нема да трае бесконечно, бидејќи компанијата сама ги покрива трошоците.
На тркалезната маса се отвори и прашањето како ќе се реши проблемот со отпадните батерии на ваквите автомобили.
(С.Бл.) – Фото: П. Стојановски